четврток, октомври 29, 2026
Дома КУЛТУРА Престижната меѓународна награда „Флајано“ првпат доделена на македонски авторки; За проучувањето на...

Престижната меѓународна награда „Флајано“ првпат доделена на македонски авторки; За проучувањето на италијанските книжевност, јазик и култура низ светот

26

Книгата „Италијанската литература и култура на барокот, просветителството и неокласицизмот“ од проф. д-р Ева Ѓорѓиевска и проф. д-р Јована Караникиќ-Јосимовска, која е во издание на „Арс ламина“, е добитник на престижната меѓународна награда „Флајано“. Наградата, која е во категоријата италијанистика „Лука Атаназио“, им беше врачена на авторките на свеченост одржана деновиве, во рамките на 53. издание на оваа значајна културна манифестација, поддржано од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка.

– Наградата „Флајано“ првпат е доделена на македонски авторки во меѓународна конкуренција. Признанието претставува потврда за значењето на нашиот научен и истражувачки придонес, но и важен чекор во афирмацијата на македонско-италијанската културна соработка и во меѓународната видливост на македонското творештво – истакнуваат авторките.

Делото „Италијанската литература и култура“ произлезе од потребата да се збогати наставата по италијанска книжевност со публикација што ќе ги обедини на едно место најзначајните автори, дела и културни достигнувања во Италија од 17 до почетокот на 19 век. Авторките, кои се професорки на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, преку оваа книга нудат сеопфатен преглед на три значајни периоди од европската културна историја: барокот, просветителството и неокласицизмот. Книгата ги претставува книжевните, филозофските и научните придонеси на истакнати италијански творци и мислители чии идеи оставиле трајна трага врз развојот на европската и на светската култура. Меѓу нив се: поетската инвентивност на Џамбатиста Марино, реформата на театарот на Карло Голдони, филозофијата на историјата на Џамбатиста Вико, општествено ангажираната поезија на Џузепе Парини, моралните драми на Виторио Алфјери, научните истражувања и емпирискиот метод на Галилео Галилеј, Џордано Бруно и неговите космолошки идеи.

Меѓународнaтa наградa „Флајано“ е престижнo културнo признаниe востановенo во 1973 година од Едоардо Тибони, во чест на италијанскиот писател и сценарист Енио Флајано и неговото творештво. Се доделува секоја година во Пескара, во повеќе области: театар, филм, телевизија, новинарство и книжевност. Меѓу нив особено се издвојува меѓународната награда за италијанистика „Флајано – Лука Атаназио“, востановена во 2001 година. Таа има значајно место во италијанската култура и претставува едно од најрелевантните признанија за проучувањето на италијанските книжевност, јазик и култура низ светот. Годинава, доделувањето на наградата беше дел од програмата на Неделата на италијанскиот јазик во светот.

Признанието за делото на Ѓорѓиевска и Караникиќ-Јосимовска е значајно не само за авторките и за издавачот туку и за македонската академска заедница. Тоа ја потврдува важноста на научните публикации во градењето културни мостови меѓу земјите и во претставувањето на македонските автори на меѓународната сцена.

ИЗДВОЕНИ