сабота, јуни 6, 2026
Дома СКОПСКА „Зеленикс – од предизвик до иновација“ – креативен и едукативен настан

„Зеленикс – од предизвик до иновација“ – креативен и едукативен настан

65

Над 230 ученици од 22 основни училишта во Скопје, заедно со 50 свои ментори – наставници од училиштата, денеска учествуваа на креативниот и едукативен настан „Зеленикс – од предизвик до иновација“, кој го организираше Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, по повод Денот на креативноста и иновациите, 21 Април.

Поделени во 43 тима, тие преку практична работа, тимска соработка и претприемачки пристап имаа можност да развиваат идеи и да ги претворат во конкретни иновативни решенија.

Директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, истакна дека идејата е да ги поттикнат креативноста и инивативноста кај младите, претприемачкиот дух и да бидат мотивирани да размислуваат иновативно.

– Предизвикот е да најдат некој еколошки проблем и да смислат конкретно решение, односно иновација како може да се надмине и да се реши. Нашата агенција формираше стручни тимови, кои ќе ги оценуваат решенијата на учениците. Ќе бидат доделени награди во три категории: најиновативно решение, најапликативно решение и најдобар тим – изјави Димовска.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека се работи за прекрасен настан за основците, со кој тие се стимулираат да создаваат решенија што им го олеснуваат животот на луѓето, без да ѝ наштетат на природата.

– Ќе се потрудиме да објасниме и да ги вклучиме во општествените промени, на пример, одржување на животната средина, одржливост на општеството и други теми. Не сакаме талентирани поединци, туку сакаме цели генерации што ќе знаат критички да размислуваат, адекватно да се вклопат во општеството, да се навикнат на тоа што е иновација, подобро образование. Сакаме да ги стимулираме младите да се фокусираат на поголема грижа за здравјето, посилна заштита на животната средина, справување со климатските промени, но и унапредување на образованието и на економијата. Тоа значи да помогнат во изнаоѓањето одговори на најголемите предизвици на 21 век – потенцираше Јаневска.

 

ИЗДВОЕНИ