Клековски вели дека тој ја иницирал истрагата поради повторени прекршоци за кои установата не била соодветно казнувана. Опфатени се три лица од ФЗО и две од приватната клиника. Неофицијално, штетата врз буџетот се проценува на над 1,5 милиони евра
Се спроведуваат претреси на повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и во Куманово, во рамките на истрага за сомневања за финансиски криминал поврзан со приватна очна болница и со вработени во Фондот за здравствено осигурување. Во истрагата се опфатени три лица вработени во Фондот и две лица од приватната клиника, информираше министерот за здравство, Сашо Клековски.
Тој изјави дека лично ја иницирал истрагата поради повторени прекршоци на здравствената установа за кои, како што рече, не била соодветно казнувана. Според него, целта била да се прекине практиката на неказнивост, поради што предложил да се раскине договорот со установата и истовремено да се отвори истрага.
– Значи, не е еднаш, двапати, трипати, туку постојано повторување на слични прекршоци за кои не била соодветно казнувана. Јас ѝ предложив на Комисијата за прекршоци да прифати да се раскине договорот со таа здравствена установа за да се прекине синџирот на неказнивост. И истовремено побарав да се отвори истрага заедно со Секторот за контрола на Фондот за здравство, кој напорно работеше да се завршат сите работи – рече Клековски.
Во истрагата, според министерот, биле вклучени и други здравствени институции, меѓу кои Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за лекови и медицински средства. Целта била да се провери случајот од повеќе аспекти.
Полициската акција ја спроведуваат службеници од Одделот за спречување организиран и сериозен криминал, во координација со надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Од МВР информираат дека се вршат претреси на повеќе локации во државата, а дополнителни информации ќе бидат објавени по завршувањето на акцијата.
Според неофицијални информации, истрагата е насочена кон приватна специјализирана очна болница во Скопје, со турски инвеститори, која работи од 2011 година. Сомнежите се однесуваат на наводни незаконски постапки при наплатата на здравствените услуги, меѓу кои и операции на очи.
Една од главните линии на истрагата е сомнежот дека одредени здравствени услуги биле наплаќани двојно – еднаш од Фондот за здравствено осигурување, кој ги покривал трошоците за определени пакети услуги, а дополнително и од самите пациенти, по приватни цени. Според овие информации, пациентите, покрај законски утврдената партиципација, наводно плаќале и дополнителни износи за услуги чии трошоци веќе биле покриени од Фондот.
Неофицијално, се испитуваат финансиски трансакции во износ од над 260 милиони денари, односно повеќе од четири милиони евра. Штетата врз буџетот се проценува на над 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата материјална корист за болницата – на околу четири милиони евра. Според медиумските информации, биле оштетени и поголем број пациенти.
Во истрагата се проверува и начинот на кој биле евидентирани и користени средствата во работењето на болницата. Се испитуваат сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари. Надлежните институции треба да утврдат дали имало незаконско постапување, колкава е евентуалната штета и каква е одговорноста на секое од опфатените лица.
Меѓу пријавените, според претходните медиумски информации, е и Ден Дончев, поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување, чие име и претходно се поврзуваше со истраги за сомневања за злоупотреби во здравствениот сектор. (П.А.)












