На вториот круг на локалните избори во Брвеница за избор на градоначалник не треба да се гласа по етнички критериум туку за најдобриот кандидат кој ќе ја реализира неговата изборна програма. Ваква порака денеска испрати Африм Гаши, претседател на македонското Собрание, од редовите на партијата Вреди, која е дел од владината коалиција. Одговоарајќи на новинарксо прашање на денешниот брифинг со новинари за неговиот коментар на изјавата на Арбен Таравари, кој ги повика сите Албанци во Брвеница да гласаат за кандидатот на ДУИ, Гаши рече дека не се согласува со тоа етничкото да има решавачка улога.
-Мојот светоглед на работите не е таков. За жал, подолго време со наша политичка култура битката се бие на тие парадигми. Би кажал, мора да го надминеме тоа, кај и да е. Во поурбаните средини мислам дека тоа се надминува и е надминато. По руралните средини мислам дека уште постои таков елемент. Дури не е само етнички. Тој локализам некогаш е и „дали некој е од едно село или друго“ што мислам дека воопшто не збори добро за нас како држава. Треба сите да се замислиме дали во 2026 година единствен критериум за гласање е кој од кое село е. Мислам дека треба на секои избори да победи најдобриот кандидат и изборите во државата да ги гледаме од аспект на ефикасност, прагматичност и реализација на проекти. За жал, во наша држава се уште во некои делови и на некои избори се појавува и се повторува случајот да се гласа етнички. Би било добро да се гласа за најдобриот и да победи тој што ќе ја реализира програмата предизборна а потоа да им служи на сите граѓани без разлика на етничка припадност – објасни Гаши.
Изјавата на Гаши доаѓа во период на калкулациите околу тоа кој кандидат во вториот круг ќе го поддржи партијата Вреди. Познато е, во недела граѓаните ќе се изјаснуваат меѓу Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ кој на првото гласање освои 2.945 гласа и Аркин Јахиј од ДУИ со 2.152 гласа. Според калкулациите, решавачко ќе биде каде ќе отидат гласовите на отпаднатите кандидати Јакуп Хусени од Вреди со 1.528 гласа, Јовица Радевски од СДСМ со 706 гласа и независните кандидати Душан Богдановски со 55 гласа и Арифе Идризи со 21 глас. (Б.Ѓ.)












