Директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, изјави дека се работи на изнаоѓање решение за проблемот со времетраењето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, нагласувајќи дека во Брисел се одржуваат редовни состаноци на кои се разгледуваат можните решенија, а Транспортната заедница има улога на олеснувач меѓу засегнатите страни. Тој, пред собраниската Комисија за европски прашања, ги презентираше клучните наоди од Годишните извештаи за 2025 година, при што посочи дека прашањето е сложено и дека се бараат и краткорочни и долгорочни решенија кои би го олесниле движењето на професионалните возачи.
Закоњшек истакна дека е свесен за проблемот со кој се соочуваат превозниците и дека постои континуирана комуникација меѓу сите релевантни страни. Според него, во процесот активно учествува и македонската асоцијација на професионални превозници, која, како што рече, редовно доставува примери од практиката и предлага можни решенија. Тој нагласи дека ограничувањата произлегуваат од Шенген-регулативата, поради што решението бара поширока координација на европско ниво, но увери дека разговорите и напорите продолжуваат.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, изјави дека прашањето за професионалните превозници е од заеднички интерес за цела Европа, бидејќи доцнењата на границите директно влијаат врз синџирите на снабдување, трошоците за транспорт и конечната цена на производите. Тој нагласи дека дури и кратки застои од еден или два дена можат да создадат значителни економски последици и посочи дека е неопходно да се најде оперативно решение кое ќе го олесни протокот на стоки и луѓе. Милошоски најави дека во текот на мај се очекува посета на висока хрватска делегација, при што ќе се разговара и за ова прашање во рамки на постојните европски механизми и можностите за подобрување на соработката.
Во дебатата се вклучи и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, која укажа на проблемите со застојот на границите по воведувањето на новиот систем за влез и излез во Европската Унија. Таа оцени дека долгите чекања создаваат непријатности и ризици за патниците, вклучително и семејства со деца, и праша дали Европската Унија била доволно подготвена за спроведување на овие реформи. Според неа, ваквите ситуации покажуваат дека е потребно подобро планирање и координација при воведување на нови системи кои директно влијаат врз граѓаните и транспортот.
Закоњшек одговори дека намалувањето на времето на чекање на границите и зголемувањето на протокот бара координирана работа на повеќе институции, вклучително царинските служби, полицијата и санитарните инспекции од двете страни на границите. Тој потсети на придобивките од проектот „Зелени коридори“, кој има за цел да го забрза камионскиот транспорт, како и на тековните инвестиции преку Програмата за безбедност и одржлив транспорт, во рамки на која се издвоени 54 милиони евра од европски фондови за подобрување на инфраструктурата и ИТ-системите на 11 најфреквентни гранични премини меѓу Северна Македонија и соседните земји. Закоњшек нагласи дека не станува збор само за дигитална размена на податоци туку и за реални инфраструктурни подобрувања кои треба да овозможат побрз и поефикасен проток на стоки и патници, додавајќи дека Транспортната заедница активно работи во таа насока.
(С. Бл.)












