Од АД „Бутел“ велат дека очекуваат локалните власти да донесат ДУП за гробиштата во Камник, што е предуслов за да може во наредниот период да се врши експропријација на земјиште во приватна сопственост за намена за гробишта, а доколку земјиштето е во државна сопственост, да може тоа да ѝ се додели на локалната самоуправа и таа да го даде на управување за поставување гробни места. Иста е ситуацијата и со гробиштата во Ѓорче Петров. Во однос на градските гробишта во Бутел, информираат дека таму постои недостаток на земјиште за гробни места. Велат дека единствениот слободен простор што ќе треба да се уреди е потегот десно од улицата „Лазар Трповски“ (поранешна „Боца Иванова“), во месноста викана Лозје, со површина од 12.554 квадратни метри, каде што се предвидени 2.306 гробни места. Притоа нагласуваат дека ако се има предвид дека годишно се одобрува поставување на околу 800 нови гробни места на градските гробишта, овој простор е доволен само за неколку години
На трите градски гробишта има се помалку гробни места. Проблемот со гробиштата во Камник и Ѓорче Петров би се решил со донесување на нов детален урбанистички план. Во однос на градските гробишта во Бутел, единствениот слободен простор што ќе треба да се уреди е потегот десно од улицата „Лазар Трповски“ (поранешна „Боца Иванова“), во месноста викана Лозје, со површина од 12. 554 квадратни метри, каде што се предвидени 2.306 гробни места.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, објави дека во моментов, во соработка со АД „Бутел“ се работи на нова урбанистичка документација за проширување на гробиштата, а најави и изградба на капела.
Деновиве се уредува делот околу Камник во населбата Ченто и започна асфалтирањето на пристапниот пат до гробиштата, проект што граѓаните го чекаа предолго. Пристапниот пат кон гробиштата Камник конечно ќе стане функционален, а граѓаните нема да одат по кал за да им оддадат почит на своите починати најблиски.
– Ова не е обична градежна активност – ова е исполнување на децениско барање на граѓаните. Во првата фаза инвестираме 8.164.884 денари, средства обезбедени преку Владата. Ова не е само инфраструктура – ова е ред, достоинство и почит. Ставаме крај на хаосот и гужвите, особено за време на празници. Создаваме мирен и достоен простор за сеќавање на најблиските – заклучи Стефковски.

Тој додаде дека нема да се застане тука, туку ќе се продолжи со целосна изградба на патот, за што се одвоени дополнителни 7.000.000 денари од општинскиот буџет.
– На тој начин, Камник конечно ќе добие современо и функционално сообраќајно решение. Ќе се воведе кружен тек, влез од улицата „Јужноморавски бригади“, но и излез кон Сингелиќ кај „Клакер“– нагласи Стефковски.
Притоа, наведе дека на тој начин ќе има поголема проточност на сообраќајот, помал метеж, а воедно и поголема безбедност.
Граѓаните го поздравуваат ваквиот потег на Општина Гази баба и на градоначалникот Стефковски, но бараат да остане паркингот на горните гробишта, инаку како што велат, на Задушница пак ќе нема место, бидејќи само едната страна на улицата се користи за паркинг.
Од Акционерското друштво за погребни и придружни активности „Бутел“ ја поздравуваат решеноста на градоначалникот на Општина Гази Баба за надминување на долгогодишниот и крајно критичен проблем со недостатокот на гробни места на градските гробишта во Камник. Оттаму велат дека од страна на Општина Гази Баба е прифатена иницијативата на АД „Бутел“да се пристапи кон донесување на Детален урбанистички план за гробиштата во Камник.
– Пред повеќе години, пред мандатите на сегашниот градоначалник, по наше барање, таква иницијатива беше доставена и од страна на Град Скопје. Во комуникација сме за разјаснување одредени прашања поврзани со постојниот ГУП од 2012 година имајќи предвид дека постапката за донесување на новиот ГУП во 2022 година е пролонгирана. Се работи за површина од 26 хектари, која е опфатена со ГУП-от од 2012 година, но за која треба да се изработи ДУП Градска четврт С 20. Донесувањето на ДУП-от, според сегашната законска регулатива, е предуслов да може да се врши експропријација во наредниот период на земјиште во приватна сопственост за намена за гробишта, а доколку земјиштето е во државна сопственост, да може тоа да се додели на единицата на локалната самоуправа и таа да го даде на управување за поставување гробни места – објаснуваат од АД „Бутел“.
Оттаму очекуваат со новиот ДУП да се обезбеди простор и за Капела и за други придружни објекти наменети за потребите на гробиштата.
Што се однесува до бројот на гробни места, од АД „Бутел“ велат дека би се утврдил по извршените ажурирања на геодетската подлога и другите потребни елаборати, односно по донесувањето на ДУП-от, за што е потребно време бидејќи е сложена постапка, за потоа АД „Бутел“, согласно со законските прописи, да изработи Проект за парцелизација, кога и конечно би се утврдил бројот на гробни места.
– Сегашниот Закон за просторно и урбанистичко планирање во делот на гробиштата не предвидува можност да се интервенира со урбанистичка планска документација за одредени нови парцели да може да се предвидат за гробни места, па затоа ќе мора да се почека со донесувањето на ДУП-от за Камник – децидни се од АД „Бутел“.
Притоа, додаваат дека, во иднина, ќе треба да се донесе и нов ДУП и за гробиштата во Ѓорче Петров.
– За тоа, исто така се обративме до Општината, од каде што добивме одговор дека донесувањето на ДУП-от е поврзан со донесувањето на новиот ГУП на Град Скопје, кој требаше да се донесе во 2022 година. За неколку години, слободниот простор за гробишта во Ѓорче Петров ќе се искористи и потребно е да се обезбеди проширување со урбанистички план и во тој дел, бидејќи само државата и единицата на локалната самоуправа се надлежни за спроведување постапка за експропријација и обезбедување земјиште за гробни места – потенцираат од АД „Бутел“.
Во однос на градските гробишта во Бутел, информираат дека постои недостаток на земјиште за гробни места.
– За скоро време, единствен слободен простор кој ќе треба да се уреди е потегот десно од улицата „Лазар Трповски“ (поранешна „Боца Иванова“), во месноста викана Лозје, со површина од 12.554 квадратни метри за кој простор е изработен Проект Блок 8 и Блок 9. Во тој простор се предвидени 2.306 гробни места – објаснуваат од АД „Бутел“ .
Притоа нагласуваат дека ако се има предвид дека годишно се одобрува поставување на околу 800 нови гробни места на градските гробишта, овој простор е доволен само за неколку години.
– За наведениот простор е изработен и геодетски елаборат со мери и граници на просторот за гробишта и ќе биде потребна значителна инвестиција со копање, рамнење, водовод, електрика и оградување на просторот. За жал, останатото земјиште од околу 40 хектари, според Законот за денационализација, се врати во приватна сопственост на
физички лица, иако според ГУП, е предвидено за гробишта. Така што, за обезбедување нов простор е неопходна експропријација – одговорија од АД „Бутел“.
Неодамна и Општина Ѓорче Петров презеде активност за уредување на влезот на гробиштата во оваа општина.
(А. П.)












