среда, октомври 28, 2026
Дома СКОПСКА Несовесни граѓани уништуваат, неодговорни институции незаинтересирани да поправат

Несовесни граѓани уништуваат, неодговорни институции незаинтересирани да поправат

30

Велодромот во рамките на спортско-рекреативниот центар „Сарај“ што беше донација од Стопанска банка, а кој беше пуштен во функција 2024 година, е во очајна состојба. За тоа сведочат родители кои своите деца ги носеле таму да учат да возат велосипед.

Токму, родител кој решил да го искорист топлото време за продолжениот празничен викенд за да го однесе своето дете да вози велосипед на овој велодром бил затечен од глетката.

– Решивме да го искористиме убавото време и да го однесеме детето да вози велосипед. Кога дојдовме, имавме што да видиме. Бевме непријатно изненадени. Сообраќајните знаци кои треба да ги учат и да ги насочуваат децата како правилно да возат, а кои претходно беа поставени, сега беа откорнати и лежеа на земја. Исто така, железните пречки кои требаше да бидат можност децата вешто да научат да возат велосипед, ги немаше. Моја претпоставка е дека се украдени и продадени како старо железо – реагира родител.

Исто така, тој вели дека на одредени места била раскопана и подлогата на велодромот.

Родителот додава дека се разочарале и се вратиле назад, дома.

За ваквата мизерна состојба во која се наоѓа овој велодром, кој треба на децата да им овозможи на децата да учат да возат велосипед и да се едуцираат во безбедна средина изгледа дека надлежните и воопшто не се заинтересирани.

Иако, кога велодромот беше пуштен во употреба, беше кажано дека е реализиран во соработка со јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“, а беше поздравена заложбата на Стопанска банка која донираше и во рамките на кампањата „Вози право, вози здраво“ како дел од своите општествено одговорни активности заедно со Град Скопје спроведе уште еден проект значаен за граѓаните, од Град Скопје сега се оградуваат од надлежноста за негово одржување. 

 – Посочениот детски велодром во СРЦ Сарај е реализиран во соработка меѓу Општина Сарај и Стопанска банка. Од тие причини, за повеќе информации во врска со реализацијата на овој проект ве замолуваме да се обратите до Стопанска банка или до Општина Сарај – кусо одговорија градските власти.

И од Општина Сарај велат дека не е нивна надлежноста за одржување на овој велодром.

Тогаш, кој треба да се грижи за овој велодром, кој им е даден на користење на граѓаните? Доколку постојат несовесни граѓани кои ги уништуваат општите добра, треба ли да постојат и несовесни и неодговорни служби кои треба да спречат да се случуваат вакви нешта и да ги казнуваат сторителите или барем да го обноват уништеното? Но, очигледно е дека и тие воопшто не се загрижени за направената штета и немаат намера да ја поправат.

(А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ