Проектот „Скопје 63/63“, кој претставува единствена средба на поезијата и фотографијата, посветена на 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година, ќе биде претставен вечерва (28 јули) во 20:30 часот, во Сули ан. Поетската антологија, подготвена од проф. д-р Иван Џепароски, обединува избрани творби од македонски и од странски автори посветени на Скопје и на неговата меморија. Проектот е надополнет со фотографиите на Сашо Алушевски, кои преку визуелен јазик сведочат за архитектонското наследство што го преживеало земјотресот.
Фотографската изложба опфаќа триесетина фотографии и претставува лична авторска интерпретација на Скопје како простор во кој постојано се преплетуваат минатото и сегашноста. Низ фотографиите се отвораат асоцијации за времето, сеќавањата, насобраните конотации и за симболите што се таложеле со децении околу градот и неговите објекти. Делата повикуваат на размислување за носталгијата, за променетите интерпретации и за новите значења што ги добива архитектурата со текот на времето, но и за неизбежните промени што ги носи современиот урбан развој. Посебно место на изложбата имаат фотографиите што се изработени со посебна техника, така што под дејство на сончевата светлина, со текот на времето, постепено ќе исчезнат – метафора за Скопје кое полека го менува својот лик. На тој начин, изложбата не е само навраќање кон сеќавањето на земјотресот од 1963 година туку и размислување за современото Скопје, неговите трансформации и постепеното исчезнување на делови од неговиот препознатлив урбан идентитет.
Настанот претставува спомен за минатото, но и потсетник за човечноста, солидарноста и за колективната меморија на градот. Настанот е дел од „Скопско лето“.












