понеделник, јули 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СЕ ВРАЌА ОД ЗАБОРАВ ГОЛЕМОТО СВЕТИЛИШТЕ: По цели 82 години, во долнодримколскиот...

СЕ ВРАЌА ОД ЗАБОРАВ ГОЛЕМОТО СВЕТИЛИШТЕ: По цели 82 години, во долнодримколскиот манастир се служеше литургија

Трудот што го вложивме за да стигнеме до овде не е без значење. Тој нè потсетува дека до секое вистинско добро во животот се доаѓа со подвиг, со трпение и со вера, порача епископот антаниски, Партениј    

72

Првпат по цели осум децении одново се слушаше литургија во сè уште разурнатото светилиште, долнодримколскиот манастир во Манастирец, посветено на свети архангел Гаврил. Вчера, на празничниот ден посветен на архангелот Гаврил, во остатоците од некогашниот раскошен манастирски храм, каде што одамна нема купола, со службата чиноначалствуваше епископот антаниски, г. Партениј. Со него сослужуваа и свештенослужители од Бигорското братство, како и свештеници – протопрезвитерот Александар Димовски и отец Љупчо Симиџиоски од Охрид и отец Миле Ангелкоски од Дебар. На литургијата во храмот, кој е метох на Бигорскиот манастир, присуствуваа бројни православни христијански верници од овој крај. Со оваа служба се засилија надежите дека во иднина ова значајно светилиште за долнодримколскиот крај наскоро ќе биде целосно обновено.

Во текот на службата, епископот антаниски, г. Партениј, потсети дека ова свето место до само пред само две години било речиси сосема заборавено, со децении наназад.

– Ова е веќе трета година откако се отвори патот што нè води овде. Иако до манастирот сè уште не се стигнува со онаа леснотија на која сме навикнати ние, современите луѓе, сепак, со малку труд и трпение, патот се поминува. Се надеваме дека до крајот на овој или почетокот на идниот месец ќе почне и неговото асфалтирање, па, со Господ напред, да сме живи и здрави, идната година многу полесно ќе можеме да доаѓаме во овој свештен манастир. Трудот што го вложивме за да стигнеме до овде не е без значење. Тој нè потсетува дека до секое вистинско добро во животот се доаѓа со подвиг, со трпение и со вера. Бог секогаш прв ни ја отвора вратата на Својата милост, но од нас очекува да направиме чекор кон Него, да го принесеме она малку што го имаме: нашата волја, нашиот труд, нашата молитва и благодарност – потецнираше епископот Партениј.

Долнодримколскиот манастир, меѓу народот познат и како Манастирец, со векови бил место на молитва и на духовно вдахновение и воздигнување, тврдина на верата и на културата во западниот крај на Македонија. Манастирот датира уште од ромејскиот период, но остатоците од сегашниот храм се од почетокот на 20 век. Последната света литургија во него била отслужена пролетта 1944 година, од блаженоупокоениот јереј Милан Јовановски од с. Модрич. По иницијатива и со заложби на епископот анатниски, Партениј, во периодот од 15 мај до 30 јуни оваа година, беа спроведени опсежни работни активности за отворање пат и за чистење на остатоците од манастирот, со што се создадоа неопходните услови за служење божествена литургија. За во иднина е планирано возобновување на манастирот, доколку се обезбедат соодветни средства за тоа. Во досегашните активности се вклучија и десетици доброволци од локалните дримколски села: Модрич, Луково, Дренок, Нерези, Прискупштина, Безово, Јабланица и други. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ