Словачка е против двојни стандарди во пристапниот процес и предупредува дека без јасна перспектива за членство, фрустрацијата во Западен Балкан ќе расте. Словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар, вчера од Скопје изјави дека Европската Унија мора да испрати јасен сигнал дека членството е реално, во спротивност, ризикува да го изгуби регионот. Македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, пак, порача дека евроинтеграцијата мора да биде кредибилна, предвидлива и заснована на заслуги, со почитување на утврдените критериуми и забрзана динамика. Тој потврди дека дијалогот со Бугарија ќе продолжи, но дека за секое одржливо решение е потребен консензус од сите земји членки на ЕУ
СЛОВАЧКИОТ ШЕФ НА ДИПЛОМАТИЈАТА ВО ПОСЕТА НА ЗЕМЈАВА, ПОБАРА ИСТИ ПРАВИЛА ЗА СИТЕ КАНДИДАТИ
Ако Европската Унија не испрати јасен сигнал дека членството е реално, ризикува да го изгуби Западен Балкан, предупреди словачкиот шеф на дипломатијата Јурај Бланар. Тој нагласи дека Словачка е против какви било двојни стандарди во пристапниот процес. Македонскиот министер Тимчо Муцунски, пак, порача дека европската интеграција мора да биде предвидлива, кредибилна и заснована на заслуги, со почитување на утврдените критериуми и забрзана динамика на проширувањето. Двајцата министри ја потврдија словачката поддршка за европскиот пат на земјава, но и потребата од продолжување на дијалогот со Софија и продлабочување на билатералната соработка.
– Треба да дадеме јасен сигнал на регионот дека членството во Европската Унија е реално, во спротивност, фрустрацијата на земјите кандидати ќе расте и поради тоа е можно да го изгубиме овој регион. Ние не можеме да прифатиме дека во европската интеграција, која е поставена на ЕУ стандарди, има различни критериуми за различни држави. Северна Македонија може да смета на големата поддршка на Словачка во евроинтеграцијата. Ова е наша улога која ја потврдивме уште на Самитот во Солун во 2004 година, но денес може да кажеме дека не се исполнува тоа што беше договорено на тој самит, изјави министерот за надворешни и европски работи на Словачката Република, Јурај Бланар, на заедничката прес-конференција со министерот Муцунски.
Шефот на словачката дипломатија ја посочи Македонија како успешен пример во спроведувањето на Планот за раст, нагласувајќи дека македонските власти се посветени на реформите на патот кон ЕУ. Тој оцени дека двете земји имаат одлични политички односи и заеднички ставови за важни геополитички прашања, а блискоста ја поврза и со заедничките традиции што датираат уште од времето на Кирил и Методиј. Бланар истакна дека има простор за продлабочување на економската соработка, особено во автомобилската индустрија, каде што Словачка е лидер, како и за зајакнување на соработката во културата, за што најави потпишување меморандум.
– Словачка и Северна Македонија се мали земји и за нас е многу важно да ги одржуваме стабилноста, безбедноста и почитувањето на меѓународното право. Сведоци сме дека прекршувањето на меѓународното право не е во наш интерес, посочи Бланар.
Кредибилен и забрзан процес
Македонскиот шеф на дипломатијата, на заедничката прес-конференција со словачкиот министер, истакна дека нашето очекување како држава е јасно – процесот на европска интеграција да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, а напредокот да се оценува според утврдените критериуми и стандарди. Тој пред Бланар ја истакнал посветеноста на Владата на реформскиот процес во согласност со европските стандарди.
– Го информирав министерот Бланар дека остануваме посветени на одржување отворени канали на дијалог со соседна Бугарија и подготвени сме да дадеме наш придонес кон унапредување на билатералните односи. Истовремено, сметаме дека е потребна посилна динамика на европската интеграција на целиот регион, вклучително и нашиот пристап кон Европската Унија. Во време кога нашиот континент е исправен пред предизвици од историски размери, со колегата Јурај споделуваме став дека заедништвото и одлучноста во европското семејство се најдобар одговор на новата реалност. За помалите држави, меѓународниот поредок заснован на правила и почитување на меѓународното право се од клучно значење за стабилноста, безбедноста и ефикасното управување со современите геополитички случувања, рече Муцунски.
Македонскиот министер истакна дека има билатерален дијалог со Бугарија за македонските евроинтеграции и дека тој дијалог ќе продолжи, но исто така вклучува и наша активна комуникација со претставниците на земјите членки на ЕУ.
– Пред неколку дена, во Црна Гора се сретнав со францускиот министер за европски прашања, каде што, меѓу другото, дискутиравме и за оваа тема. Денес тука е колегата Јурај, и ова беше една тема за која активно разговаравме бидејќи нели, сите одлуки поврзани со нашата европска интеграција, за нив е потребен консензус. Што значи, какво било решение за кое работиме со Бугарија да го постигнеме, кое хипотетички би било на линија на нашите позиции, одржливо решение, е потребно да има консензус од сите земји членки. Така што, дијалог со Бугарија има, дијалог со европските институции по ова прашање има и има дијалог со сите земји членки на Европската Унија. Ќе продолжиме да работиме по тоа прашање, бидејќи ние по однос на европскиот пат немаме никаква алтернатива, рече Муцунски.
Средба со Петрова-Чамова во декември
Шефот на дипломатијата рече дека во моментов нема планирано средба со неговата бугарска колешка Велислава Петрова, но најави дека е можно средбата да се случи на маргините на некои министерските состаноци на НАТО и ОБСЕ закажани во декември годинава. Дополнително, Македонија очекува да биде домаќин на состанокот на Платформата за соработка на земјите од Југоисточна Европа со Украина, исто така во декември, што е уште една можност за средба со Петрова-Чамова.
– Верувам дека ќе има пригода да се сретнам со мојата колешка од Бугарија и отворено да разговараме и за европскиот пат, но и отворено да дискутираме за одредени прашања кои нас, како сосед, и не само како земја кандидат, но и како земја рамноправен член во НАТО, нè загрижуваат во однесувањето оттаму. Но денес тука ќе застанам бидејќи не ми е целта мојата изјава да стане дел од политичка кампања во Бугарија, истакна Муцунски на заедничката прес-конференција со Бланар.
Муцунски рече дека Словачка континуирано се вбројува помеѓу нашите најголеми трговски и инвестициски партнери, што претставува значајна основа за натамошното засилување на економските врски.
– Посебно ја цениме принципиелната поддршка на Словачка за европската перспектива и на нашата земја, но и на целиот регион на Западен Балкан, и нејзиниот активен придонес во регионалната безбедност, економскиот развој и забрзувањето на европската перспектива на нашиот регион. Таа поддршка, меѓу другото, ја препознаваме преку директниот ангажман на Словачка во групата „Пријатели на Западен Балкан“, во Вишеградската група и во Славковскиот формат, и за ова сме искрено благодарни. Политичкиот дијалог меѓу двете држави е на највисоко ниво, а принципиелната поддршка од Словачка за остварување на нашата стратешка цел, полноправно членство во Европската Унија, има особено значење за нас, рече Муцунски.
Двајцата шефови на дипломатии, на вчерашната средба, ги потврдиле блиските и пријателски односи помеѓу двете земји, како и заедничката определба да градат партнерство засновано на меѓусебно почитување, доверба и споделени вредности. Покрај за билатералните односи и европската интеграција, разговарале и за економската соработка, како и за други актуелни регионални и геополитички состојби. Посебен акцент, како што рече Муцунски, бил ставен на трговијата, директните инвестиции, како и на соработката од областа на образованието и културата. (В. С. Н.)
Непристојно е земја членка на ЕУ да станува прибежиште за осудени лица
Во одговор на новинарско прашање за случајот „Ива Михаилова“, Муцунски рече дека и на средбата со Бланар било истакнато нашето очекување како земја кандидат за членство дека и земјите членки на Европската Унија треба да ги почитуваат највисоките стандарди поврзани со владеењето на правото.
– Навистина е непристојно една земја членка на Европската Унија да станува прибежиште за тие што или се осудени за сторени кривични дела или се лица за кои има степен на сомнеж и се водат постапки во рамките на судовите во државата. Но, тука ќе бидам внимателен затоа што, на линија на тоа што го кажа и претседателот на Владата, Мицкоски, пред неколку дена, немаме интерес да си дозволиме да станеме дел од естрадата поврзана со оваа тема во Бугарија, која е поврзана и со претседателските избори што се во тек во таа држава, посочи Муцунски.












