Русија е „подготвена“ за војна со Европа, иако не ја посакува, изјави во четвртокот рускиот лидер Владимир Путин.
„Многумина зборуваат за подготовки за војна до 2030 година. Дали е тоа точно? Не. Пред сè, ние сме подготвени, но не сакаме никаква војна со Европа“, рече Путин на прес-конференција по самитот Русија-Африка.
Според него, „малку е веројатно“ дека до 2030 година на Русија би можело да ѝ се нанесе стратешки пораз. Тој додаде дека Москва ги поддржува сите чекори насочени кон обновување на односите со Европа – како во целост, така и со поединечни држави.
„Ако ситуацијата премногу ескалира, нема да има победници. Нека никој не го заборави тоа“, предупреди Путин, како што пренесува независниот руски медиум The Moscow Times.
Тој истакна дека Русија не сака ситуацијата во Балтичкото Море да наликува на онаа во Персискиот Залив и дека се залага за почитување на меѓународното право.
„Во спротивно, може да настане ситуација слична на онаа во Ормускиот Теснец. Дали некој сака Балтикот да стане како Персискиот Залив или Ормускиот Теснец? Ние не го сакаме тоа, но ќе одговориме на секој предизвик“, изјави Путин.
Тој додаде дека разговарал за ситуацијата на Балтикот со финскиот претседател Александар Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе – разговор што се одржал на нивна иницијатива.
„Знам дека подоцна беа изложени на критики, но не е на нас да судиме, заедно со вас, дали постапиле правилно или погрешно. Јас сметам дека постапиле правилно. На крајот на краиштата, во Европа има луѓе кои не сакаат да ѝ нанесат стратешки пораз на Русија, како што сакаат некои други, туку сакаат да воспостават некаков вид конструктивен дијалог“, заклучи рускиот лидер, пренесува The Moscow Times.












