Во градот што некогаш беше симбол на културата, историјата и на достоинството, денес сѐ почесто се чувствува едно длабоко заборавање на ликот и делото на Јосип Броз Тито, човекот чие име остави неизбришлива трага во историјата на поранешна Југославија и на овие простори, реагираат од Здружението „Титоисти“ од Охрид. Оттаму велат дека она што значело некогаш чест, углед, солидарност и идеали, денес е оттурнато на маргините.
– Во Охрид, наместо достоинствено да се негува историското наследство, сведоци сме на негрижа, игнорирање и дури и на намерно бришење на симболите поврзани со Тито и со едно време што, сакале или не, ја обликувало нашата реалност. Граѓаните со право прашуваат како е можно град со ваква историја да дозволи целосно да избледи сеќавањето на човекот што беше симбол на единство и стабилност. Како е можно денес да нема ниту еден достоен белег, ниту одбележување што ќе потсети на неговото значење? Особено загрижува односот на локалната власт, која наместо да гради култура на паметење и почит, дозволува деградација на историските вредности. Наместо грижа за културното и идеолошко наследство, сведочиме на селективна меморија: се памети само она што одговара на дневната политика – стои во реакцијата.
Дополнително, велат членовите на Здружението, не може да се премолчи одговорноста на политичките структури, особено на СДСМ, кои, како што велат, декларативно се повикуваат на вредности блиски до оние од времето на Тито, но во практика не прават ништо за нивна заштита.
– Напротив, токму во нивно време се случуваше систематско занемарување на симболите и на идеалите што тие наводно ги застапуваат. Еден од најочигледните примери е уништувањето на плочата кај поранешниот Социјалистички сојуз, чин што не е само физичко бришење на еден обележје туку и симболично понижување на една епоха – стои во реакцијата.
Од Здружението „Титоисти“ од Охрид повикаа на преиспитување и враќање на почитта кон ликот и делото на Јосип Броз Тито – не од носталгија, туку од потреба да се зачуваат историската вистина и вредностите што не смеат да бидат избришани.












