Новото издание на Скопскиот филмски фестивал (СФФ), што ќе се одржи од 4 до 9 ноември, се враќа по тригодишна пауза со богата програма и македонската премиера на филмот „17“ на Косара Митиќ.

По последното одржано издание во 2022 година, фестивалот доживува своја ревитализација со цел повторно да го раздвижи филмскиот живот во главниот град, објави денеска директорот на Скопскиот филмски фестивал Томи Салковски.

Фестивалската завеса се крева на 4 ноември во 19:30 часот во МНТ со копродукцијата на Германија, Полска и Монако – „Идиот(и)“ на режисерскиот тандем Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт. На авторите ќе им биде врачена и Специјалната награда „Златна Скополија“ за нивниот особен придонес во светската кинематографија.

Дебитантското остварување „17“ на режисерката Косара Митиќ, кое е наш кандидат за Оскар за најдобар интернационален филм, пак, својата премиера ќе ја има на 5 ноември во МНТ. Веднаш потоа, од 6 ноември, филмот ќе биде на редовниот репертоар во „Синеплекс“ во Скопје.

Затворањето на фестивалот и поголем дел од проекциите ќе се одвиваат во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар.

За главните фестивалски награди годинава ќе се борат вкупно осум филмски остварувања.

Во рамките на програмата вон конкуренција, пак, публиката ќе има можност да го погледне филмот „Фјорд“ на Кристијан Мунџиу, кој е актуелен добитник на престижната „Златна палма“ на Канскиот фестивал.

Според зборовите на Салковски, годинава во Скопје е донесен самиот крем на светската кинематографија преку супериорна селекција на филмови. За квалитетот на програмата се грижи кураторот Никола Никитин, заедно со новоформираниот интернационален борд во кој членуваат и Мирослав Могоровиќ, Филип Бергсон и Благоја Куновски-Доре.

Најдобрите филмови во натпреварувачката програма ќе ги избере петчленото жири составено од домашни и европски филмски професионалци: Лабина Митевска (македонска актерка и продуцентка), Стив Абот (англиски филмски продуцент и режисер), Павле Вучковиќ (српски режисер), Даријан Пејовски (македонски режисер) и Даниела Вебер (селекторка на Берлинскиот филмски фестивал).

Фестивалското мото на годинешното издание е „Вистинска приказна“.

ИЗДВОЕНИ