Едно лице е убиено, а најмалку четворица други се повредени во напад со нож во бенедиктинската опатија во Јарослав, во јужна Полска. Полицијата соопшти дека по нападот е уапсен 31-годишен државјанин на Украина, додека мотивот сè уште се истражува.
Според локалните медиуми, инцидентот се случил во бенедиктинскиот манастир кој се наоѓа во рамките на комплексот на опатијата, пренесува Ројтерс.
Сестра Барбара Дендор за државниот сервис ТВП Инфо потврди дека едно лице го загубило животот, додека друго е тешко повредено.
„Знаеме дека отец Станислав почина, а отец Марек е во тешка состојба. Има и други повредени, но во моментов немаме повеќе детали“, рече таа.
Таа исто така ја опиша хаотичната глетка на која наишла при пристигнувањето на местото на нападот.
„Кога пристигнав, владееше целосна паника. Млади луѓе кои излегле од центарот биле сведоци на настанот и викале дека внатре има лудак“, раскажа таа.
Полицијата потврди дека нејзини екипи се на терен и дека е во тек истрага.












