За најновиот филм на Манчевски, светската критика ги истакнува неговиот бескомпромисен режисерски пристап, жанровската иновација и извонредната актерската игра, која ѝ дава на црната комедија и на социјалната критика човечко лице. Во својата рецензија, Сузан Готлиб за „Синеуропа“ вели: „Вистинска кулминација во препознатливиот стил на Манчевски: човечките односи и трагедијата, проткаени со остра опсервација на општествените прилики и со многу ироничен хумор“. Елизабет Кер, пак, во „Скрин дејли“ напиша: „Во фокусот на Манчевски е урнатиот систем, останат по неисполнетите политички ветувања“
Најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, по триумфот на фестивалот во Токио, каде што ја освои главната награда, вчеравечер доживеа и извонреден прием на 47. Меѓународен филмски фестивал во Каиро. Филмот беше прикажан во официјалната селекција, надвор од конкуренција, затоа што веќе се натпреваруваше во Токио.
Како што пишува ПР-тимот на филмот, во Каирската опера, публиката бурно и емотивно реагирала во текот на филмот и се смеела. Финалниот аплауз бил заглушувачки, разговорот со публиката по проекцијата го водела програмерката Меги Морган, а потоа Манчевски давал автограми и интервјуа за египетските и за светските медиуми. На проекцијата присуствувале и најзначајните египетски критичари, како и критичарката на „Холивуд репортер“.
За новиот филм на Манчевски, светската критика ги истакнува неговиот бескомпромисен режисерски пристап, жанровската иновација и извонредната актерската игра, која ѝ дава на црната комедија и на социјалната критика човечко лице.
Во својата рецензија, Сузан Готлиб за „Синеуропа“ вели: „Вистинска кулминација во препознатливиот стил на Манчевски: човечките односи и трагедијата, проткаени со остра опсервација на општествените прилики и со многу ироничен хумор.“
Елизабет Кер, пак, во „Скрин дејли“ пишува: „Сатирична алегорија за сè поголемата нееднаквост меѓу богатите и сиромашните, како и за сè пофлуидното сфаќање на семејството. Актерските остварувања се во функција на пошироката визија на Манчевски: повторно обединување на загубените семејства и, пред сè, критика на разорните последици од доцниот капитализам и огромната поделба меѓу богатите и сиромашните. Секојдневната корупција, распространетата злоупотреба и сиромаштијата постојат речиси рамо до рамо со невидениот раскош и богатство. Во фокусот на Манчевски е урнатиот систем, останат по неисполнетите политички ветувања“.
Емануеле Бучи во „Сала Гранде“ истакнува дека „Манчевски ѝ се враќа на долгометражната играна форма на свој препознатлив и единствен начин, со трогателна и исклучително духовита ода на двајца неодоливи аутсајдери“.
– Нивната приказна ја следиме со особена блискост и разбирање, низ поглед на авторот, кој знае како да се вљуби во протагонистите што ги создава и како да ѝ ја пренесе таа љубов и на публиката. Тој ги обликува со голема човечност и автентичност – додава Бучи.

– „Брат, сестра и шахта“ е духовит и емотивен поглед на семејството, љубовта и на посветеноста. Подготвеноста на Малина и Виктор да направат сè што треба за заемно да се заштитат е она што ги прави толку впечатливи и непредвидливи. Духовит и емотивен поглед на семејството, љубовта и на посветеноста, спакуван во форма на криминалистичка комедија – пишува Доминик Ла Виола за „Фор тајм филм скул драпаут“.
Мередит Тејлор за „Филмуфорија“, пак, вели дека филмот е мрачна комедија исполнета со остри опсервации на општествената стварност во која владее прекрасно изместена логика.
– Бронзените херои исчезнуваат од своите постаменти, но корупцијата и лицемерството на живите се многу потешки за отстранување. Наместо да ги прикажува своите обесправени протагонисти со сентименталност, режисерот им дава привлечна, нескротлива човечност. Распарчени општества, морална двосмисленост и поединци заробени меѓу личната борба за опстанок и колективната општествена дисфункционалност. Филм што на крајот открива најголемо богатство во длабоките врски меѓу луѓето. „Сестра, брат и шахта“ е живописен и горчливо-сладок потсетник дека може да опстане сочувството дури и таму каде што речиси сè друго е продадено во старо железо – додава Тејлор.
Дебањан Дар за „Хајонфилмс“ ги оцени изведбите на Сара Климоска, Филип Трајковиќ и на Соња Михајлова како извонредни актерски остварувања.
– Во структурата на филмот се вткаени бројни инвентивни решенија. Филмот е истовремено длабок и заводлив – додава Дар.
Инаку, „Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и за оние што немаат, а во исто време и лута сатира и суптилна поема за брат и сестра што живеат на маргините на општеството. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како живеат луѓето и како се поврзуваат во современиот свет. Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција, директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија, монтажер е Благоја Неделковски, а автор на музиката Игор Василев-Новоградска. Продуцент е Јане Ќортошев.












