На Модната недела во Милано! Познатиот омилен лик на естрадата, македонски фризер, шминкер и стилист, Марјан Петров, деновиве е во Милано, Италија, во рамките на Модната недела и има професионален ангажман во врска со ултрапопуларниот пејач Јаков Јозиновиќ. Тој е дење-ноќе задолжен за неговиот имиџ и многу му значи тоа, бидејќи Јаков сега е мегапопуларен пејач на овие географски простори.
Двајцата беа гости на модната ревија на познатата компанија „Дизел“, а за изгледот на Јаков за тој настан се погрижи токму македонскиот стилист. Тој е воодушевен од карактерот на Јаков, за кого вели дека воопшто не се прави важен, туку е многу приземен, обичен, духовит и дружељубив. Со голем набој на позитивна енергија, со постојано заразно смеење.
Инаку, Јозиновиќ и во Милано ја освои публиката, најмногу со песните од своето прво цеде, „Ја за чуда летим“, па луѓето масовно танцуваа со него додека ги пееше: „Четири ласте“, „Мери“, „Вољела би то“, „Рај“, „Стол за двоје“, „Ја волим кад си ту“ и „Поље ружа“. Истите овие летово ги пееше на концерт во Охрид.
Ништо помалку не беше интересен за публиката и нашиот стилист. За него беше заинтересирана и светски познатата манекенка Адријана Лима, која на течен македонски јазик му пријде и го праша: „Како си?“ Неговата реакција беше повеќе од воодушевувачка. Во италијанската модна престолнина, Петров воедно го прослави својот роденден, а имаше можност да се види и со познатата американска пејачка Сијара.












