понеделник, ноември 16, 2026
Дома КОЛУМНИ НОВА КНИГА НА ПРОФ. Д-Р ЗОРАН КРСТЕВСКИ, 14. ПО РЕД: „Мудрост што...

НОВА КНИГА НА ПРОФ. Д-Р ЗОРАН КРСТЕВСКИ, 14. ПО РЕД: „Мудрост што исцелува“ лек за емоционалните кризи

1
Во современото брзо живеење, исполнето со многу обврски и предизвици, човекот сè потешко наоѓа време за себе, за внатрешен мир и за вистинските животни вредности. Токму во такви околности, мудроста станува светилник што ја осветлува човечката потрага по вистината, доблеста и духовната хармонија. Во таа возвишена филозофска и етичка потрага се вбројува и најновото дело на проф. д-р Зоран Крстевски, „Мудрост што исцелува – мудри поуки од Истокот за надминување на емоционалните страдања“. На 254 страници, авторот го води читателот на едно широко филозофско и етичко патување низ духовните традиции на Истокот

Зошто страдаме? Како да најдеме мир без постојано да се бориме со животот? Како да ја исцелиме душата и да постигнеме внатрешна хармонија? Како да се извлечеме од кризата? Како да се справиме со стравот од смрт и од напуштање? Ова се само дел од прашањата на кои современиот човек бара одговор. Тој сè почесто се соочува со емоционални кризи, неизвесности и отуѓување од сопствената суштина, поради што потребата од духовна исполнетост, животна мудрост и внатрешна рамнотежа станува поголема од кога било.

Во современото брзо живеење, исполнето со многу обврски и предизвици, човекот сè потешко наоѓа време за себе, за внатрешен мир и за вистинските животни вредности. Токму во такви околности, мудроста станува светилник што ја осветлува човечката потрага по вистината, доблеста и духовната хармонија. Во таа возвишена филозофска и етичка потрага се вбројува и најновото дело на проф. д-р Зоран Крстевски, „Мудрост што исцелува – мудри поуки од Истокот за надминување на емоционалните страдања“. Станува збор за книга што ја надминува рамката на обично филозофско четиво и се претвора во своевиден духовен патоказ, кој го поттикнува читателот на самоспознание, преиспитување на сопствените постапки и откривање на внатрешните извори на сила, љубов и спокојство. На 254 страници, авторот го води читателот низ едно широко филозофско и етичко патување низ духовните традиции на Истокот.

Особената вредност на ова дело се состои во неговата способност да ги поврзе милениумските духовни искуства на Истокот со предизвиците на современиот човек. Поуките на големите мислители и духовни учители не се претставени само како историско и филозофско наследство, туку како живи сознанија што можат да му помогнат на човекот да ги надмине емоционалните повреди, да се ослободи од деструктивните мисловни обрасци и да изгради похармоничен однос кон себеси и кон другите.

Авторот нè потсетува дека вистинското исцелување не започнува секогаш со промена на надворешните околности, туку со преобразба на внатрешниот свет. Во таа смисла, мудроста не е само стекнато знаење, туку способност да се живее со свесност, умереност, сочувство и достоинство. Таа е сила што нè учи да ги прифатиме животните несовршености, да се соочиме со сопствените слабости и да ја откриеме светлината дури и во најтешките животни искушенија.

– Себеприфаќањето и прифаќањето на сопствените грешки и заблуди е патот што води кон мир и хармонија. Треба да практикуваме самосочувство и да се прифатиме какви што сме. Ако се прекоруваме за нашите грешки, недостатоци и неуспеси, тогаш нема да постигнеме внатрешен мир и среќа. Болката е неизбежна, но страдањето е избор. Источната филозофија нè учи да ја прифатиме болката, да ја живееме, а не да се бориме против неа. Нема да ја елиминираме целосно болката, но ќе обезбедиме отпорност и олеснување. Наместо да бегате, прифатете ја и почувствувајте како постепено го напушта вашето битие… поучува д-р Крстевски во „Мудрост што исцелува“ за справувањето со емоционалната болка.

Рецензентот на книгата, писателот Благоја Бошкоски-Окото, член на Друштвото за наука и уметност – Прилеп, оценува дека станува збор за исклучително дело, исполнето со мудри поуки и етички начела произлезени од Истокот.

– Во книгата доминираат благородните идеи и афирмативните визии дека мудроста, будноста и свесноста помагаат и исцелуваат. Како што пишува професорот Крстевски: „Секој самостојно одлучува како ќе го живее својот живот – дали ќе развива слабост на духот, малодушност и себичност или, пак, ќе ја унапредува својата сила и ќе живее самосвесно, хумано и смело во борбата со разните неправди, тешкотии и страдања“. Во книгата е нагласено дека основна причина за страдањето се копнежот и незнаењето. Но, и дека треба да развиваме почит, љубов и сочувство кон самите себе со цел да имаме посреќен живот, посреќно семејство и посреќно општество, конечно – посреќен свет, напиша Бошковски. Посочува дека професорот Зоран Крстевски се истакнува со својата врвна филозофска луцидност, мудрост и проникливост за креирање поучни животни поуки.

– Тој е еден од нашите најеминентни мислители, вистински мудрец и борец за воздигнување на позитивните вредности. Книгата „Мудрост што исцелува“ го трасира патот што води кон живот исполнет со цел и смисла, истакнувајќи дека мудроста е врелото од кое извира вредноста и среќата на човековото битисување, додава рецензентот Бошковски.

Книгата „Мудрост што исцелува – мудри поуки од Истокот за надминување на емоционалните страдања“, авторот му ја посвети на својот професор и ментор, д-р Кирил Темков.

– Професорот Темков беше еден од нашите најголеми филозофи и етичар со светски глас, така што ми претставува особено задоволство што бев негов најблизок соработник, а тој креативен и прецизен рецензент на моите книги. Со негова интелектуална поддршка и академска вклученост работев на контурите на ова дело кое е, всушност, трет дел од едицијата посветена на светската мудрост и етика. Довербата што ја имаше во моите интелектуални капацитети и мотивацијата дека можам да се фатам во костец со една сериозна и длабока научна тематика, каква што е источната мудрост и етика, беше пресуден фактор да почнам со пишување на книгата „Мудрост што исцелува“. Дали ги исполнив очекувањата на професорот и создадов вредно и достојно дело, ќе проценат моите почитувани и верни читатели, вели професорот Зоран Крстевски за весникот ВЕЧЕР.

„Мудрост што исцелува“ е повик за духовно будење, за враќање кон универзалните човечки вредности и за откривање на она што навистина му дава смисла на човековото постоење. Тоа е книга што не нуди само одговори туку отвора и суштински прашања, поттикнувајќи нè да размислуваме, да чувствуваме и, пред сè, похумано да живееме.

Проф. д-р Зоран Крстевски е афирмиран филозоф и астролог, универзитетски професор на Европскиот универзитет – Скопје и писател, автор на повеќе книги од областа на филозофијата, етиката и духовноста. Тој е и редовен колумнист во весникот ВЕЧЕР, каде што преку рубриката „Животни патокази“ споделува филозофски размислувања и мудри животни пораки. (Е. А.)

 

ИЗДВОЕНИ