понеделник, ноември 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА По бегството од прозорецот на полициска станица, 24-годишниот битолчанец доброволно се предаде...

По бегството од прозорецот на полициска станица, 24-годишниот битолчанец доброволно се предаде во полиција

0

Дваесет и четиригодишниот К. У. од Битола, по кого полицијата трагаше откако избега низ прозорец од полициската станица, денеска во 12 часот доброволно се предал во СВР Битола, информира Министерството за внатрешни работи.

Неговото предавање било координирано од полициските службеници со неговиот бранител и Основното јавно обвинителство Битола. По приведувањето, инспектори од криминалистичката полиција започнале службен разговор со него.

Против К. У. на 11 ноември била поднесена кривична пријава поради сомнение за сторени кривични дела „загрозување при семејно насилство“ и „телесна повреда при семејно насилство“.

Случајот бил пријавен од неговата 21-годишна партнерка, која навела дека претходниот ден била физички нападната, како и дека подолг период била изложена на малтретирање и закани.

По пријавата, осомничениот пристигнал во полициската станица во придружба на еден од родителите. Откако му било соопштено дека ќе биде задржан, тој избегал низ прозорецот.

По инцидентот, внатрешната контрола на МВР започнала постапка за утврдување на околностите под кои се случило бегството, како и за евентуална одговорност на полициските службеници.

ИЗДВОЕНИ