Европските и светските авиокомпании најавуваат значително проширување на своите мрежи во 2027 година, со бројни нови меѓународни линии што ќе поврзат досега недоволно поврзани дестинации. Меѓу најинтересните новитети се првите директни летови меѓу Женева и Латинска Америка, како и меѓу Германија и Белизе, но и нови трансатлантски и долголиниски врски.
Една од најголемите вести доаѓа од австралиската авиокомпанија „Квантас“, која од октомври 2027 година планира да воведе директна линија меѓу Сиднеј и Лондон. Според „Еуроњуз“, летот ќе опфаќа повеќе од 16.000 километри и ќе трае меѓу 19 и 22 часа, со што ќе стане еден од најдолгите директни патнички летови во светот.
Мексиканската авиокомпанија „Аеро Мексико“ од 28 март ќе воведе четири лета неделно меѓу Мексико Сити и Милано. Од 13 април, компанијата ќе започне и со три неделни лета на линијата Гвадалахара – Париз.
И европските нискобуџетни авиокомпании подготвуваат нови дестинации. „Рајанер“ најави летови од Аликанте и Краков до Тангер, како и од Палермо до Маракеш и Тирана.
„ИзиЏет“, пак, ќе воведе 18 нови линии од десет британски аеродроми. Меѓу нив се летовите од Абердин до Барселона и Мајорка, како и новите врски од Единбург до Билбао, Рим, Хамбург и Тиват во Црна Гора.
Од 24 март, „Норвеџан“ ќе ги поврзе Осло и Севиља со два лета неделно, а за летната сезона е планирана и нова линија меѓу Копенхаген и Сантијаго де Компостела.
„Бриселс ерлајнс“ од 29 март ќе воведе пет неделни летови меѓу Брисел и Каиро. Засега линијата е планирана како сезонска, но постои можност во иднина да стане достапна во текот на целата година.
Една од позначајните новини е најавата на „ЛАТАМ ерлајнс Бразил“, која во април ќе ја воспостави првата директна воздушна врска меѓу Женева и Латинска Америка.
Новата линија до Сао Пауло ќе се реализира со три лета неделно, отворајќи дополнителни можности за патување меѓу Швајцарија и Јужна Америка.
Американската авиокомпанија „Јунајтед ерлајнс“ најави најголемо проширување на својата меѓународна мрежа досега. Во рамките на новиот распоред се предвидени летови од Њуарк до Луксембург и Љубљана, како и од Вашингтон до Тулуз.
Линијата Њуарк – Љубљана треба да започне на 12 мај, со четири лета неделно, што ќе претставува значајно подобрување на воздушната поврзаност на Словенија со американскиот пазар.
Новитети има и за Хрватска. „Ер Канада“ од 11 мај ќе воведе директни летови меѓу Монтреал и Дубровник. Во меѓувреме, „Бритиш ервејс“ од 15 мај ќе ја поврзува Единбург со Сплит еднаш неделно, во рамките на сезонскиот распоред.
„Бритиш ервејс“ планира и проширување на својата африканска мрежа. Од 29 мај ќе започне со три лета неделно од Лондон до Килиманџаро и Занзибар, со што ќе се зголемат можностите за патување до популарните туристички дестинации во Источна Африка.
Германската „Луфтханза“ од мај ќе воспостави нова линија меѓу Франкфурт и Колумбус, во американската сојузна држава Охајо. Во август е планирано и воведување летови меѓу Минхен и Финикс.
Во јуни се очекува и воспоставување директна воздушна врска меѓу Виена и Бејрут. Летовите во текот на летната сезона ќе ги реализира „Остријан ерлајнс“.
Една од најнеобичните нови линии е онаа што ќе ги поврзе Франкфурт и Белиз Сити. „Дискавер ерлајнс“ планира да започне со летови на 16 декември 2027 година.
Со ова ќе биде воспоставена првата директна авионска врска меѓу Европа и Белизе, централноамериканска држава која досега немаше ваква поврзаност со европскиот континент.
Летовите ќе се реализираат двапати неделно, а линијата е планирана да функционира до средината на април 2028 година.
Новите најави покажуваат дека 2027 година би можела да донесе значајни промени во глобалниот авионски сообраќај, со повеќе директни врски, нови туристички можности и пократки патувања до дестинации што досега бараа преседнување.












