Речиси целиот акционерски пакет на Алта банка АД Битола, односно 95,336 проценти од нејзините акции, ќе биде понуден на продажба преку Македонската берза на хартии од вредност. Според огласот што го објави НБРМ во весникот ВЕЧЕР, станува збор за 372.742 обични акции, чиј сопственик е Алта банка АД Белград – во стечај, а почетната цена е утврдена на 3.777 денари за акција. Вкупната почетна вредност на акционерскиот пакет изнесува околу 1,4 милијарди денари. Продажбата ќе се спроведе по моделот „сè или ништо“, а првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година. Доколку акциите не бидат продадени, ќе следуваат нови аукции на 1, 2, 3, 4 и на 7 декември. Притоа, почетната цена на секоја следна аукција ќе се намалува за 10 проценти во однос на цената од претходната.
Заинтересираните купувачи најдоцна до 19 ноември треба да достават барање до Народната банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во Банката, како и писмена изјава дека ќе ги уплатат средствата потребни за купување на акциите. На аукциите ќе можат да учествуваат само заинтересираните лица што ќе ги исполнат законските услови.
Основната главнина на Алта банка АД Битола изнесува 1.172.931.000 денари. Банката има вкупно 390.977 обични акции, со номинална вредност од 3.000 денари за акција.
Продажбата на доминантниот акционерски пакет доаѓа во период кога состојбата во Банката е предмет на политички препукувања и јавни реакции, особено по обвинувањата на СДСМ дека Алта банка се соочува со проблеми и дека нема доволно готовина за исплата на клиентите. Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли ваквите тврдења, оценувајќи ги како невистинити и обид за создавање паника кај граѓаните.
– Тргнете наназад од тоа дека ќе банкротираме, преку мигрантите, па сè до овој случај со Алта банка. Јас сум свесен дека работи Фројд кај нив, дури и додека сонуваат и се обидуваат да им ги пренесат овие хорор-соништа на граѓаните, но имам чувство дека нивниот сон нема да биде реалност – изјави Мицкоски.
Тој изрази очекување дека преземените активности ќе резултираат со избор на нов сопственик на Банката. Во однос на обвинувањата дека таа нема доволно готовина, премиерот ги повика граѓаните да проверат во експозитурите дали можат да ги подигнат средствата што им припаѓаат.
– Ве повикувам да појдете во некои од филијалите и да ги прашате граѓаните што одат таму и ги подигнуваат средствата што им припаѓаат, дали има кеш или не. Јас не можам да одговорам бидејќи немам сметка во Стопанска банка Битола – рече Мицкоски.
Во меѓувреме, Народната банка информираше дека од 16 ноември со работа почнува и експозитурата на Алта банка во Прилеп. Клиентите што имаат платежна сметка, но немаат платежна картичка, таму ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели. Продолжуваат да работат и експозитурите во Струмица, Тетово и во трговскиот центар „Бисер“ во Скопје.
Од 10 ноември, клиентите можат да ги користат и услугите на електронското и на мобилното банкарство. Сепак, ограничувањата за располагање со средствата остануваат во сила. За клиентите со платежни картички, лимитот за подигнување готовина изнесува до 15.000 денари неделно, додека за оние без картички е ограничен на 20.000 денари во период од две недели.
Од Народната банка посочуваат дека продолжуваат внимателно да ја следат состојбата и да преземаат активности за олеснување на пристапот на клиентите до нивните средства, како и за непречено извршување на платежните услуги.
Продажбата на речиси целиот акционерски пакет отвора ново поглавје за сопственичката структура на Банката. Сепак, за клиентите останува клучно прашањето кога ќе можат повторно непречено да располагаат со своите средства и дали промената на сопственикот ќе придонесе за целосно стабилизирање на работењето на Банката.
(А. С.)












