Случајот со расфрлан отров во Кисела Вода повторно го актуализира долготрајниот и нерешен проблем со уличните кучиња. Додека дел од граѓаните ја гледаат ваквата постапка како последица на страв и очај поради инцидентите со агресивни глутници, други предупредуваат дека труењето претставува сериозна опасност за јавната безбедност. Исто така, сè погласни се барањата за системско и институционално решение наместо индивидуални и ризични акции на терен

Случај на расфрлан отров во скопската населба Кисела Вода повторно ја отвори дилемата за која со години се коментира во јавноста: дали може да се смета труењето за „решение“ за проблемот со агресивните улични кучиња или станува збор за опасна и недозволива практика што создава нови ризици да настрадаат деца?
Според објави на социјалните мрежи, бил расфрлан отров во близина на раскрсницата кај „Срцето“ и Технички преглед во Кисела Вода, при што засега се пријавени најмалку две отруени кучиња. Граѓаните предупредуваат дека може бројот да биде и поголем, а глетките од теренот ги опишуваат како вознемирувачки.
– Ѓаволот не носи „Прада“, ѓаволот живее меѓу вас и расфрла отров во Кисела Вода – стои во една од објавите, во која се најавуваат и пријави за сторителот.
Реакциите се остро поделени. Дел од граѓаните ја гледаат оваа постапка како резултат на долгогодишен нерешен проблем со агресивните кучиња скитници и отсуство на институционална реакција.
– Луѓе со месеци предупредуваа дека ако не се реши проблемот, сами ќе преземат нешто. Не се психопати, туку очајни – пишува еден скопјанец, додавајќи дека граѓаните не треба да бидат оставени сами да се справуваат со ваквите ситуации.
Во истата насока, други посочуваат конкретни случаи на напади.
– Што правиме со глутницата од десетина кучиња што нападна дете пред месарница? Пријавено е секаде, 17 дена никој не реагира – пишува загрижена граѓанка, која додава дека, поради страв, се движи со стап кога излегува со своето куче.
Но, ваквите ставови наидуваат на силна осуда од друг дел од јавноста, кој предупредува дека труењето отвора нови, уште посериозни опасности.
– Како смеете така, на јавен простор, да ставите отров, па секој може да настрада? – реагира граѓанка, додека друг коментар наведува дека во паркот имало и отруени птици и повикува да се внимава децата да не дојдат во допир со отровот.
Особено се нагласува дека расфрланиот отров не ги загрозува само уличните кучиња туку и домашните миленици, како и децата што играат на тревните површини.
Граѓаните укажуваат и на психолошкиот ефект од ваквите сцени.
– Сторителот причинува стрес за околината – недолжни луѓе и деца се изложени на глетки од отруени животни – стои во една од реакциите.
Во дел од коментарите се поставува и прашањето за критериумите според кои се проценува дали е опасно едно куче.
– По кој критериум одредуваме мирни и дружељубиви кучиња и кој прави мониторинг 24 часа? Од една страна, имаме нападнати граѓани, од друга – отруени животни – пишува една граѓанка, посочувајќи дека проблемот бара системско, а не стихијно решение.
И покрај различните ставови, мнозинството се согласува дека расфрлањето отров е незаконско и мора да биде санкционирано.
– Ова не е решение, туку кривично дело. Треба да се реагира и да се бара одговорност – пишуваат граѓани, кои тврдат дека веќе има пријави и дека се проверуваат камерите во близина.
Случајот во Кисела Вода повторно го наметнува прашањето за итен институционален одговор на проблемот со бездомните кучиња, затоа што со години се реагира за вакви примери и со оглед дека се повторува, останува нерешен. Експертите предупредуваат дека решението не може да се бара во индивидуални и опасни акции, туку во долгорочни мерки како стерилизација, вакцинација, контрола на сопствеништвото и поефикасна реакција на надлежните служби.
Во меѓувреме, се подготвува нов законски пакет со кој се заоструваат мерките за заштита на животните. Со најновите измени на Законот за заштита и благосостојба на животните се предвидуваат драстични казни за недолично, сурово и нехумано однесување и за мачење животни, кои ќе се движат и до 5.000 евра, додека за несоодветно чување и шетање куче глобата е и до 400 евра. Измените што ги подготвуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство, во координација со институции и здруженија, имаат цел да воспостават поефикасен систем на контрола и одговорност, насочен, главно, кон намалувањето на бројот на бездомни кучиња преку спречување на напуштање на домашните миленици, нивно неконтролирано размножување и трговија. Иако од АХВ тврдат дека е доставен предлогот до ресорното министерство уште на почетокот од април, оттаму засега не потврдуваат прием, а во меѓувреме се најавуваат јавни презентации низ државата за вклучување на јавноста во процесот.
(С. Бл.)












