Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ на Друштвото на филмски работници на Македонија доби 12.000.000 денари, Меѓународниот фестивал на креативен документарен филм „Македокс“ на Здружението за промоција на документаристика „Македокс“ – 5.500.000 денари, Фестивалот на европски филм „Синедејс“ на Младинскиот културен центар – 2.900.000 денари, Тетовскиот интернационален филмски фестивал „Ода“ 2026 на Здружението на филмски уметници – 2.850.000 денари, Фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“ на Пик Продукција од Прилеп – 2.000.000 денари, Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ на Здружението Планет М – 1.600.000 денари, Филозофскиот филмски фестивал „ФФФ“ на Филозофското друштво на Македонија – 1.100.000 денари, а „Меѓународниот филмски фестивал Киненова“ на Арт Синема Скопје – 1.000.000 денари.
Ова се дел од резултатите што ги објави Агенцијата за филм, а по Конкурсот за финансирање проекти за организирање домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер за 2026 година.
Како што соопштуваат од Агенцијата за филм, на годинашниот конкурс биле поднесени вкупно 34 апликации, од кои, по спроведена евалуација, поддршка добиле 20 проекти. За оваа намена, Агенцијата за филм обезбедила вкупен буџет од 35 милиони денари, што претставува зголемување во однос на претходната година, кога биле издвоени 28 милиони денари.
Оттаму велат дека дополнително, по првпат, бил воведен модел на презентација (пичинг) на проектите, при што апликантите имале можност директно да ги претстават своите концепти и програмски насоки пред стручната комисија, со цел поголема транспарентност и квалитет во одлучувањето.
– Финансиската поддршка од Агенцијата изнесува до 70 % од вкупниот буџет на секој поединечен проект, а при изборот приоритет имаа фестивали со докажан континуитет и квалитет, како и нови, иновативни концепти со едукативна вредност и јасна меѓународна ориентација. Со оваа поддршка, Агенцијата за филм продолжува да ги зајакнува домашните фестивали и филмски манифестации кои имаат значајна улога во промоцијата и во позиционирањето на македонската кинематографија на европската и светската културна сцена, велат од оваа институција.












