петок, септември 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Стоп за врсничките тупаници со удар по џебот на родителите

Стоп за врсничките тупаници со удар по џебот на родителите

Училиштата како бојно поле - се затегаат правилата, полицијата најавува засилен надзор

56

Нов случај на врсничко насилство се случил деновиве во скопската општина Ѓорче Петров во училиштен двор, во ноќните часови. Во тепачката е тешко повреден малолетник, кој бил нападнат од група негови врсници во двор на основно училиште. По серијата инциденти, особено во оваа населба, полицијата најави поголема контрола, а Министерството за образование построги мерки. Сепак, најмногу се очекува од новите законски измени, 250 евра казна за родителите на насилните деца, па кога ќе се „удри по џебот“, очекувањата дека нешто ќе се смени се пореални

Нов случај на врсничко насилство во скопската општина Ѓорче Петров се случил деновиве во училиштен двор, во ноќните часови. Во тепачката е тешко повреден малолетник, кој бил нападнат од група негови врсници во двор на основно училиште. Претходно се расправале, по што малолетникот бил нападнат од групата во која имало и негов познајник. Во нападот, детето, чија возраст не е наведена во полициската информација, се здобило со тешки телесни повреди, информираат од полицијата и додаваат дека случајот се расчистува. По серијата инциденти, особено во оваа населба, полицијата најави поголема контрола, а Министерството за образование најави построги мерки. Сепак, најмногу се очекува од новите законски измени, 250 евра казна за родителите на насилните деца, па кога ќе се „удри по џебот“, очекувањата дека нешто ќе се смени се пореални.

 Без телефони на час, без снимање и ширење насилство – училиштата ги затегаат правилата

Од почетокот на новата учебна година, училиштата воведоа построги правила за користење на мобилните телефони и на другите лични електронски уреди. Со новиот Кодекс за употреба на мобилни телефони и на други лични електронски уреди донесен во дел од основните училишта, е ограничено користењето на телефоните за време на наставата. Уредите треба да бидат исклучени или ставени на нечујно и не смеат да се користат без дозвола од наставникот.

Исклучок има кога телефонот или друг уред е потребен за наставата, кога претставува помошно средство или кога постои оправдана потреба на ученикот. Во тие случаи, наставникот ги определува целта, времетраењето и начинот на користење, стои во Кодексот. Изречно е забрането неовластено фотографирање и снимање ученици, наставници и други лица, како и фотографирање тестови, документација или лични податоци. Забрането е и објавување или споделување содржини со кои се повредуваат честа, угледот, достоинството или приватноста на други лица.

Особено се санкционира користењето на телефонот за поттикнување, снимање или ширење насилно однесување, како и за дигитално насилство.

Со тоа, училиштата директно се обидуваат да ја пресечат практиката булингот да продолжува преку снимки, групи за пораки и социјални мрежи.

Кодексот не предвидува апсолутна забрана за секоја употреба на телефоните. Во итна ситуација, ученикот може да го употреби телефонот за повикување на родителите. Предвидени се мерки доколку ученик не ги почитува правилата. При прва повреда следува предупредување и прекин на недозволената употреба, а кога е потребно, телефонот може привремено да биде отстранет од употреба до завршување на часот. Ако прекршувањето се повторува, се вклучуваат раководителот на паралелката и стручната служба, а се информира и родителот или старателот. За посериозни случаи – како снимање без дозвола, дигитално насилство, загрозување на безбедноста или нарушување на приватноста – се постапува според правилата на училиштето и важечките прописи. Притоа, училиштето не смее да врши увид во приватната содржина на телефонот, освен ако за тоа постои законска основа и соодветна постапка.

МВР: Полицајци во училишните дворови и околу објектите

Паралелно со училишните мерки, МВР вели дека превенцијата на меѓуврсничкото насилство ја спроведува преку оперативни планови на секторите за внатрешни работи. Според Министерството, полициското присуство на терен не е само реакција откако ќе се случи инцидент, туку е дел од превентивното дејствување, нешто што очигледно изостана во последниот случај во училишниот двор во Ѓорче Петров.

Полицајците имаат задача да вршат континуиран надзор на училишните дворови и просторот околу училиштата за време на смените и ученичките одмори, со цел навреме да се спречат различни облици на девијантно однесување.

Од МВР за весникот Вечер посочуваат дека секторите имаат обврска да соработуваат со стручните служби во училиштата, да реагираат брзо по пријави за булинг или насилство и да ги мапираат критичните точки надвор од училиштата каде што е потребно засилено патролно дејствување.

– Во делот на превенцијата и сузбивањето на меѓуврсничкото насилство, секторите за внатрешни работи постапуваат по веќе утврдени и строги оперативни планови. Присуството на полициските службеници на терен е директна реализација на овие акти. Нивната примарна задача е континуиран надзор на училишните дворови и периметарот околу објектите за време на смените и ученичките одмори, со цел да се превенира секаков облик на девијантно однесување. Преку јасно дефинираните интерни процедури, секој сектор има обврска за постојана координација со стручните служби во училиштата, брза реакција при пријави за булинг или насилство, како и мапирање на критичните точки надвор од училиштата каде што е потребно засилено патролно дејствување, велат од МВР за ВЕЧЕР.

Контролата и законските измени беа најавени по серијата случаи на врсничко насилство снимано и објавувано на социјалните мрежи. Дел од случаите завршија и со кривични пријави и судски процеси против малолетниците и нивните родители. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ