петок, септември 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА БАЈРАМИ И ГРУБИ СЕ СРЕТНАА ВО СУДНИЦАТА – ДВАЈЦАТА НЕГИРААТ ВИНА ЗА...

БАЈРАМИ И ГРУБИ СЕ СРЕТНАА ВО СУДНИЦАТА – ДВАЈЦАТА НЕГИРААТ ВИНА ЗА „ЛОТАРИЈА“

ПО 19 МЕСЕЦИ БЕГСТВО, ЕКСДИРЕКТОРОТ ПРВПАТ НА ОБВИНИТЕЛНО СТОЛЧЕ

260

По повеќе од една година во бегство, Перпарим Бајрами денеска првпат се појави во судницата како обвинет во предметот за „Државна лотарија“. Донесен од затворот во Шутка, Бајрами кратко пред судот кажа дека разбира за што е обвинет и дека не е виновен. Во судницата се сретна и со Артан Груби, со кого заедно е обвинет во предметот, а двајцата се поздравија при првото видување по враќањето во земјата. На Бајрами повторно му беше прочитан обвинителниот предлог, бидејќи на претходните рочишта не присуствуваше.

За невин се изјасни и Башким Авди, кој на минатото рочиште не сакаше да се произнесе бидејќи немаше обвинителен предлог и дел од доказите на албански јазик. Груби, поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, и четворицата поранешни членови на Надзорниот одбор на АД „Лотарија“ уште на претходното рочиште се изјаснија дека не се виновни.

Откако судијката направи ретроспектива на досегашниот тек на постапката, за збор се јави адвокатот на Бајрами, Еленко Миланов. Тој информираше дека во средата, на 16 септември, заедно со својот клиент извршиле увид во доказниот материјал на Обвинителството. Според Миланов, по увидот и консултациите со Бајрами, одбраната смета дека во доказниот материјал нема докази кои се од особено значење за нивната одбрана.

Адвокатот најави дека ќе бара да се прибави завршната сметка на АД „Лотарија“ за 2024 година, договорот што Бајрами како тогашен директор го склучил со Надзорниот одбор, како и одобрението од Собранието на акционери. Одбраната ќе бара и наод и мислење од технички советник за средствата што се наоѓаат во магацините на „Лотарија“. Миланов пред судот посочи дека, според нивните сознанија, дел од тие средства денес имаат поголема вредност од онаа по која биле набавени во времето кога Бајрами бил директор. Како дел од доказите, одбраната најави и записници од Државниот пазарен инспекторат и од Управата за јавни приходи. Адвокатот објасни дека поради краткиот рок не успеал да ги обезбеди сите документи, но побара судот да ги евидентира како доказни предлози.

Обвинителството најави дека дополнително ќе се произнесе по предлозите на одбраната. Потоа побара да започне изведувањето на доказите, со образложение дека така ќе има повеќе време да одговори на забелешките и предлозите на одбраната. Судијката го прифати предлогот и следното рочиште го закажа за 23 септември во 10 часот.

Во предметот „Државна лотарија“ се обвинети осум лица, Обвинителството ги товари за злоупотреба на службената положба и овластување, а според обвинителниот предлог, штетата е проценета на 596.125.511 денари, или околу 9,7 милиони евра.     (П. А.)

ИЗДВОЕНИ