„Буџетот за 2026 година делегиран од страна на Министерството за култура и туризам е повеќе од двојно зголемен, можеме да работиме на многу повеќе археолошки истражувања и се надеваме дека со резултатите ќе ја оправдаме довербата“, вели директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, во интервјуто за весникот ВЕЧЕР. Таа посочи дека при изборот на локалитетите на кои ќе се работи се водеше сметка, меѓу другото, и за потенцијалот за идно презентирање и валоризација, односно можноста дел од резултатите да бидат интегрирани во музејски поставки, туристички маршрути или едукативни програми
За 2026 година најавивте бројни активности и широк фронт на истражувања на дури 16 археолошки локалитети. Кажете ни каде конкретно ќе се работи годинава и на кои позиции?
Националниот археолошки музеј истражува континуирано одредени локалитети, но со оглед на тоа дека буџетот за 2026 година делегиран од страна на Министерството за култура и туризам е повеќе од двојно зголемен, можеме да работиме на многу повеќе археолошки истражувања и се надеваме дека со резултатите ќе ја оправдаме довербата и овој тренд на зголемување на буџетот за оваа намена ќе оди во нагорна линија и следните години. Динамиката и обемот се диктирани од финансиските средства, па врз основа на годинашниот буџет, стручниот совет на Археолошкиот музеј внимателно го креираше истражувачкиот процес, кој опфаќа околу шеснаесет локалитети низ целата држава, распределени во различни региони и временски периоди – од праисторијата, преку античкиот период, до доцната антика, но и неколку археолошки рекогносцирања кои потенцијално, во иднина, би прераснале во истражувања. Ќе истражуваме во Здуње, палеолитскиот локалитет Голема Пешт, каде што ќе се примени интегриран пристап кон палеоклиматолошки и археолошки истражувања, археолошки и интердисциплинарни истражувања ќе се спроведат на некрополата Мали Дол, с. Тремник, Неготино, а исто така, во Неготино ќе истражуваме уште еден локалитет, но од различен период, се работи за Градот кај с. Горни Дисан. Два неолитски локалитети се во фокусот на нашите кустоси од одделението за предисториска археологија, Атици кај село Црничани во Дојран и Ограѓе кај с. Орман, Скопје. Во Охрид ќе го истражуваме локалитетот Градиште – Долно Лакочереј, како и наколната населба Пенелопа. Во Пробиштип ќе се истражува на локалитетот Тумба Сред Село, кај селото Дренок, а по 15 години повторно ќе се истражува и виничкото Кале. Ќе продолжиме со доистражувањето на римскиот каструм на локалитетот Исар во село Марвинци, Валандово и систематските истражувања на некрополата од архајскиот период во струшко Корошишта. Големо Градиште – Коњух континуирано се истражува, а освен градот, ќе се истражува и некрополата Кшла, која се поврзува со овој локалитет. Стакина Чешма е повторно на листата, а тука вклучуваме и заштита, односно мозаици од Карата Маала ќе се конзервираат и ќе се подготват за изложување во постојаната музејска поставка, со оглед на немањето услови за нивна презентација ин ситу. Ќе се изврши археолошко рекогносцирање на локалитетите на Македонскиот фронт од Првата Светска Војна на планината Беласица, тумуларните некрополи долж Вардар и Брегалница и археолошки преглед на теренот на територијата на општините Берово и Кратово.

Зошто изборот падна токму на овие локалитети?
Изборот на локалитетите се темели на повеќе критериуми. Пред сè, станува збор за места со висок научен потенцијал, каде што постојат индиции за значајни културни слоеви и можност за добивање нови релевантни податоци. Паралелно, дел од локалитетите се веќе познати и делумно истражени, што овозможува континуитет и продлабочување на досегашните сознанија. Не помалку е важен и аспектот на заштита – одредени локалитети се избрани и поради потребата од итна интервенција и документирање. Конечно, при изборот се водеше сметка и за потенцијалот за идно презентирање и валоризација, односно можноста дел од резултатите да бидат интегрирани во музејски поставки, туристички маршрути или едукативни програми.
Дали се работи за продолжување на истражувањата или дел од нив ќе бидат заокружени и дали се одредени локалитети во фокусот?
Годинашната програма комбинира продолжување на веќе започнати истражувања со отворање нови археолошки пунктови. Континуитетот е особено важен во археологијата, бидејќи само долгорочните истражувања овозможуваат целосно разбирање на стратиграфијата и културните процеси. На дел од локалитетите, истражувањата влегуваат во фаза на заокружување, што значи дека по неколку сезони се приближуваме до дефинирање на нивната функција, хронологија и значење. Истовремено, новите локалитети отвораат простор за поставување нови научни прашања и ревидирање на постојните интерпретации. Доистражување предвидуваме на каструмот на Исар – Марвинци, сепак средствата ни оддалеку не се доволни за комплетно истражување на кој било од наведените локалитети. Важно е да се нагласи дека оваа година не постои фокус на еден единствен локалитет, ниту, пак, таквиот пристап би бил соодветен за институција како Археолошкиот музеј. Нашата работа е организирана преку повеќе стручни одделенија, секое со своја научна сфера на интерес и хронолошки фокус, и токму таа разновидност овозможува посеопфатен пристап кон истражувањето на културното наследство. Оттука, истражувањата се распределени на повеќе локалитети, каде што секој тим работи во согласност со сопствените научни приоритети и веќе започнати проекти. Овој модел не само што обезбедува континуитет туку и спречува прекумерна концентрација на ресурси на едно место, на сметка на други значајни археолошки точки. Дополнително, мора да се има предвид дека археолошките истражувања претставуваат исклучително скап и комплексен процес. Тие не завршуваат со самото ископување, напротив, ископувањето е само почеток на долг процес кој вклучува документација, анализа, стручна и научна обработка, конзервација и презентација. Затоа, не е ниту научно оправдано ниту одговорно да се отвораат големи површини без однапред да се обезбедат услови за заштита и обработка на откриеното. Токму поради тоа, ние се определуваме за фазен, односно етапен пристап во истражувањата. Тоа значи дека локалитетите се истражуваат постепено, во повеќе кампањи, со јасно дефинирани цели за секоја фаза. На тој начин се обезбедува квалитетна научна обработка, соодветна конзервација и можност резултатите навистина да бидат валоризирани и презентирани пред јавноста. Овој пристап можеби не носи брзи и спектакуларни резултати, но гарантира долгорочна заштита на културното наследство и создавање на релевантно научно знаење – што, всушност, и е основната цел на современата археологија.
Дали се планира и дали е можна и презентација на овие локалитети пред пошироката јавност?
Презентацијата на резултатите пред јавноста е еден од приоритетите на институцијата. Археологијата не смее да остане затворена во рамките на научните кругови, туку треба да биде комуницирана на разбирлив и атрактивен начин. Во таа насока, се планира повеќеслоен пристап: од класични изложби и научно-популарни публикации, до јавни предавања, отворени денови на локалитетите и интерактивни настани. Особено внимание се посветува на дигитализацијата и примената на нови технологии, како што се виртуелна и проширена реалност, кои овозможуваат поинакво доживување на културното наследство. Таков пример е локалитетот Тумба Маџари, за кој освен реконструираното неолитско село и музеј на отворено на самиот локалитет, презентацијата оваа година ја збогатуваме и со ВР-реконструкција на артефактот Големата Мајка во нашата постојана музејска поставка. Во соработка со Локалната самоуправа и градоначалникот на општина Валандово, планираме започнување активности за презентација на Стакина Чешма. Неопходна е поголема вклученост на општините во овој дел, затоа што токму тие се директни корисници на резултатите и користа од успешно креирани приказни во насока на развој на културен туризам.
Годинава е најавено и истражување на еден подводен локалитет. Кажете ни нешто повеќе и за овие активности?
Подводните археолошки истражувања на локалитетот Врбник се одвиваат континуирано повеќе години и претставуваат значаен сегмент од нашата истражувачка програма. Станува збор за комплексен локалитет кој, со оглед на својата специфична позиција и зачуваност, нуди исклучителни можности за проучување на различни аспекти од животот во минатото. Она што претставува новина оваа година е формирањето на посебно одделение за подводна археологија во рамките на музејот. Со тоа се создаваат предуслови за поорганизиран, систематски и долгорочен пристап кон ваквиот вид истражувања, кои бараат високо ниво на специјализација, техничка опременост и строго дефинирани протоколи за работа. Формирањето на одделението и вработувањето на специјалист за подводна археологија не значи само институционално јакнење туку и отворање можности за продлабочена соработка со релевантни меѓународни организации и експерти од оваа област. Подводната археологија е по својата природа интердисциплинарна и често се реализира преку партнерства, што овозможува размена на знаења, пристап до современа опрема и примена на најнови методолошки пристапи. Со овој чекор, музејот јасно се позиционира кон развој на една досега недоволно истражена, но исклучително значајна област, која во иднина може да даде сериозен придонес во разбирањето на културното наследство, но и во неговата современа презентација.
Минатата година, во рамките на Архолошкиот музеј е отворено и одделение за применета археолошка наука и технологии. Кое е значењето на ова одделение, дали е екипирано и што очекувате од неговата работа?
Формирањето на одделението за применета археолошка наука и технологија претставува еден од најзначајните исчекори во модернизацијата на институцијата. Современата археологија сè повеќе се потпира на интердисциплинарни методи и научни анализи, кои овозможуваат далеку попрецизни и подлабоки интерпретации. Во рамките на ова одделение се предвидува примена на современи методи, геофизички истражувања, ЛИДАР-снимања и други напредни техники. Овие алатки не само што ја зголемуваат научната релевантност на истражувањата туку и ја подобруваат заштитата и управувањето со културното наследство. Очекувањата се дека ова одделение ќе стане регионален центар за истражување и ќе придонесе за засилена меѓународна соработка, размена на знаења и вклучување во поголеми научни проекти. Во соработка со Владата, очекуваме средства за екипирање на ова одделение, но и опремување.
Нова нумизматичка поставка за 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите
По повод 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите, подготвуваме програма која ја поврзува научната вредност на збирките со современи начини на нивна презентација пред јавноста. Централниот настан ќе биде отворањето на новата нумизматичка поставка, во која ќе бидат изложени повеќе од 4.000 репрезентативни примероци од антиката и од средниот век. Оваа поставка не е значајна само по својот обем, туку и по можноста преку монетите да се следат економските, политичките и културните процеси низ вековите. Новата нумизматичка поставка е замислена како современа, наративно структурирана изложба која ќе го прикаже развојот на монетарните системи на овие простори низ различни историски периоди. Наместо класичен, хронолошки приказ, акцентот ќе биде ставен на поширокиот контекст – економските текови, политичките влијанија, културните контакти и симболиката на парите.
Даниела ТРАЈКОВСКА











