Македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума вечерва (19 септември) во Битола ќе го отвори 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски најави импресивна програма со рекорден број филмови и едукативни содржини, како и голема бројка на гости, истакнати имиња од светската кинематографија, во Битола, меѓукои годинешните лауреати Ден Лаустсен и Џеф Кроненвет.
Како што е познато, данскиот кинематографер Дан Лаустсен, долгогодишен соработник на режисерот Гиљермо дел Торо е добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело, а американскиот кинематографер Џеф Кроненвет, познат по соработката, пак, со режисерот Дејвид Финчер, е добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за исклучителен придонес во светската кинематографија.
На 47. издание во Битола ќе присуствуваат и повеќемина исклучителни кинематографери како американско-полскиот кинематографер Јануш Камински, поранешен лауреат на „Браќа Манаки“, потоа оскаровецот Воли Фистер, познат како долгогодишен соработник и кинематографер на Кристофер Нолан кој во 2025 ја доби престижната награда „Златна камера 300“ за животно дело, како и легендарниот европски кинематографер, Тимо Салминен. Сите тие ќе бидат дел од богатата програма на годинашното издание, со мастеркласови, на панел-дискусиите или како дел од жирито.
На свеченото отворање на фестивалот на македонскиот актер Петре Арсовски ќе му биде врачена наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ.
Дванаесет (12) филма ќе се прикажат во главната натпреварувачка фестивалска програма „Камера 300“, а селекторот Слаѓан Пенев покрај „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дума, чиј кинематографер е Фредерик Ноиром ги најави и: македонската малцинска копродукција „Срам и пари“ во режија на Висар Морина, на кинематограферот Јанис Мазух, српскиот филм „До крајот на денот“ на Јелена Максимовиќ, на кинематограферот Паул Шпенгеман, кој ќе ја има светската премиера во рамките на програмата „Хоризонти“ на Венецискиот фестивал, а на „Браќа Манаки“ ќе има регионална, исто така филмот „Жолти писма“ на тандемот Илкер Чатак – Јудит Кауфман, добитник на „Златната мечка“ на годинашново Берлинале, филмот „Татковина“ на Павел Павликовски, чиј кинематографер е Лукаш Жал, како и последниот филм на тандемот Андреј Звјагинцев – Михаил Кричман, „Минотаур“…
Проекциите од главната селекција ќе се реализираат во Центарот за култура каде е обезбедено ново платно и нов проектор кој ќе се користи за потребите на Фестивалот и ќе го подобри квалитетот на проекциите со цел публиката да ужива во програмата на Фестивалот.
Дебитантскиот долгометражен филм на Срѓан Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, ќе го затвори фестивалот на 25 септември.








![[Интервју] Петре Арсовски – Голема ѕвезда на македонскиот филм: Со секој лик стануваш почовечен, и во добра и во лоша смисла](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/09/prva-4-218x150.jpg)



