Повеќе механизација и работници се на терен, а мостот број 7, долг 194 метри, забрзано го менува пејзажот на планината. Паралелно се произведуваат бетонски елементи за санација на 26 полуизградени моста од 1990-тите. Од планираните 352 елементи, досега се готови 71, со динамика од околу 10 неделно. Проектот моментално е реализиран околу 40 проценти, а целта е до крајот на годинава да се стигне до 50 проценти

Пругата од Бељаковце кон Крива Паланка забрзано се гради, а работите на терен влегуваат во сè посилна динамика. Делницата, долга 34 километри, е еден од најголемите и најсложени инфраструктурни зафати во земјава, а според директорот на „МЖ Инфраструктура“, Синиша Ивановски, работите моментално се одвиваат со засилено темпо.
Ивановски информираше дека во моментов најмногу се работи на мостот број 7, кој со своите 194 метри е најдолг мост на оваа делница. Тој е еден од трите моста што треба да се градат од нула, од вкупно 29 моста на трасата.
– Бележиме засилени градежни активности при изградбата на пругата кон Бугарија – порача Ивановски.
Но, не се работи само на мостовите. Паралелно се произведуваат и бетонските елементи што ќе се користат за санација на 26 полуизградени моста, на кои останале конструкции од работите почнати уште во 1990-тите. Според Ивановски, треба да се произведат вкупно 352 бетонски елементи, а досега се готови 71. Производството оди со темпо од околу 10 елементи неделно.
Вкупната реализација на проектот во моментов е околу 40 проценти, а планот е до крајот на годинава да се стигне до 50 проценти реализација.
– Продолжуваме со засилено темпо до конечна реализација на овој капитален инфраструктурен проект – вели директорот на „МЖ Инфраструктура“.

Колку е тешка работата на оваа делница, најдобро се гледа кога ќе излезе човек на терен. Екипата на ВЕЧЕР, кон крајот на јули годинава, ги посети градилиштата на пругата Бељаковце – Крива Паланка, каде што одблиску можеше да се види како изгледа изградбата на дел од Коридорот 8. Градилишта со прашина, тешка механизација, бетон и со работници, кои секојдневно се справуваат со тежок терен.
Со екипата на турската компанија „Гулермак“ беше поминат дел од трасата, а нашата новинарско-фоторепортерска екипа влезе и во тунелите и се искачи до мостовите високи десетици метри.
Токму таму видовме и се уверивме зошто ова не е обична пруга. Трасата минува низ тежок и планински терен, а на само 34 километри треба да се изградат 15 тунели и 29 моста. Од мостовите, 26 имаат остатоци од старите градби, најчесто столбови, додека три ќе се градат целосно од почеток.
И тука лежи еден од најголемите проблеми. Како што ни објасни Ерџенк Акчам, заменик проект-менаџер на проектот, понекогаш е полесно нешто да се изгради од нула отколку да се продолжи врз нешто што било направено пред повеќе од 30 години. Според него, старите конструкции мора да се испитаат, да се зајакнат и да се усогласат со денешните европски стандарди.
Приказната за железничката пруга кон Бугарија не е од вчера. Проектот почнал уште во 1990 година, а во изминатите децении на трасата се менувале компании, се работело, па се прекинувало. Причините биле повеќе – од тежок терен до политички и економски околности.
Денес, по повеќе од три децении, пругата повторно е големо градилиште. Договорот за изградба на делницата Бељаковце – Крива Паланка е склучен на 20 јули 2022 година, а договорниот датум за почеток на работите е 19 октомври 2022 година. Според последните официјални податоци наведени во извештајот од нашата теренска посета, на 30 јуни 2026 година физичката реализација, во тој момент, изнесуваше 36,42 проценти. Сега, според Ивановски, работите се забрзуваат.
(С. Бл.)












