Земјотрес со јачина од 5,7 степени ја погоди Романија во текот на ноќта, при што две лица се повредени, соопштија властите во средата.
Две лица се здобиле со повреди откако мебелот се превртел во нивните станови, известија службите за цивилна заштита. Сепак, најголемиот дел од повиците до службите за итни случаи биле поврзани со напади на паника. Не е пријавена значителна материјална штета.
Романскиот национален институт за физика на Земјата соопшти дека ова е најсилниот земјотрес во земјата по потресот со јачина од 5,8 степени во 2018 година. Епицентарот бил во регионот Вранча, во Источните Карпати – област од која потекнуваат повеќето земјотреси во Романија.
Силен сигнал за предупредување од системот на Android за рано откривање земјотреси разбудил дел од корисниците на паметни телефони. Сепак, во предупредувањето била наведена преувеличена јачина од 6,5 степени.
Последниот земјотрес во Романија со човечки жртви се случил во 1977 година. Тој потрес, со јачина од 7,4 степени, однел повеќе од 1.500 животи и уништил околу 35.000 домови. Многу згради во главниот град Букурешт се сметаат за ранливи на земјотреси, иако недостасуваат сеопфатни официјални проценки, пренесува dpa.












