среда, ноември 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ОЈО бара притвор за вработен во ДЗС осомничен за примање поткуп од...

ОЈО бара притвор за вработен во ДЗС осомничен за примање поткуп од 32.000 денари за одобрување елаборат за објект за градба што не ги исполнувал основите услови

17

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против вработен во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), осомничен за примање поткуп во износ од 32.000 денари. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.

Од ОЈО денеска соопштија и дека е отворена истрага против него за кривично дело примање поткуп од член 357 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, кој работел во Одделението за издавање урбанистички согласности, бил овластен да потпишува, дава мислења и издава согласности за просторни и урбанистички планови и проекти, како и елаборати од областа на заштитата и спасувањето.

Според ОЈО Скопје, тој директно побарал и примил 32 000 денари за да изврши службено дејствие, односно да даде согласност за елаборат што не ги исполнувал условите за градба во делот на заштитата од пожари, експлозии и опасни материи.

Јавниот обвинител побарал притвор поради опасност од бегство, повторување на делото и можност осомничениот да влијае врз сведоци.

За случајот вчера информираше директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, поздравувајќи ја акцијата на МВР и Обвинителството во чии рамки беше приведен вработениот во Дирекцијата под сомнение дека примал поткуп.

Тој рече дека пред неколку дена од страна на граѓанин му било посочено дека од советник за урбанистичко планирање при ДЗС му биле побарани 500 евра за да добие позитивно мислење потребно за изградба на објект.

Директорот на ДЗС го упатил граѓанинот случајот да го пријави во Одделот за организиран криминал при МВР.

ИЗДВОЕНИ