среда, ноември 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Инцидент на ГАК: На новороденче му бил повреден палецот при отстранување канила...

Инцидент на ГАК: На новороденче му бил повреден палецот при отстранување канила од инфузија – отворена е дисциплинска постапка

18

Дводневно новороденче се здобило со повреда на палецот на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје, откако при обид со ножици да се отстрани канилата од инфузијата, односно завојот и лепливата лента со кои била прицврстена, му бил пресечен дел од прстот.

Немилиот настан се случил на 16 ноември, непосредно пред бебето да биде испуштено од болница на домашно лекување.

Таткото на девојчето, Аднан Азизи, во изјава за телевизија Канал 5 вели дека лекарите им соопштиле оти прстот ќе биде пократок за околу еден сантиметар, поради што најави дека по комплетирањето на медицинската документација ќе поднесе тужба.

Веднаш по повредата бил повикан детски хирург, а бебето било итно префрлено на Клиниката за детска хирургија.

Директорот на Клиниката, д-р Лазо Јовчевски, за МРТ потврди дека врз новороденчето е извршена хируршка интервенција со локална пластика за надоместување на мекото ткиво. Според него, палецот ќе ја зачува својата функционалност, иако ќе остане одреден естетски дефект, а бебето е веќе пуштено на домашно лекување.

Од Клиниката за гинекологија и акушерство го потврдија случајот и информираа дека настанот е уредно евидентиран како несакан настан. Оттаму посочуваат дека внатрешната комисија за квалитет веќе го разгледала случајот, а закажана е и седница на Дисциплинската комисија која треба целосно да ги утврди околностите и индивидуалната одговорност, по што ќе следуваат соодветни санкции.

ИЗДВОЕНИ