Недостигот на работна сила станува една од најголемите пречки за развојот на компаниите. Домашните работници заминуваат во Западна Европа, а празните работни места сè почесто се пополнуваат со кадар од Индија, Непал, Бангладеш и Филипините. Но, и ангажирањето странци е проследено со долги административни процедури, кои можат да траат со месеци, па дури и до една година.
Во Македонија сè почесто се наметнува прашањето не каков бизнис може да се започне, туку за кои дејности воопшто може да се најдат работници. Демографските промени, намалувањето на работоспособното население и иселувањето на цели семејства кон Западна Европа оставаат празни места во производството, градежништвото, угостителството, туризмот и транспортот.
Од агенциите за посредување при вработување велат дека компаниите сè потешко доаѓаат до потребниот кадар, а побарувачката за странски работници постојано расте. Проблемот не е само локален, туку ги погодува и земјите во регионот.
– Домашната работна сила сè повеќе мигрира кон земјите од Западна Европа, каде што работниците бараат подобри плати и услови за работа. Не заминуваат само поединци туку и цели семејства, што дополнително го намалува потенцијалот на домашниот пазар на труд. Недостигот на кадар може да го ограничи проширувањето на компаниите, инвестициите и отворањето нови работни места, велат од една агенција за посредување при вработување.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани во земјава се доселиле 6.132 граѓани од Азија. Од нив, 805 биле од Индија, 552 од Бангладеш, 430 од Непал и 60 од Филипините. Од Европа се доселиле 2.611 лица, а од Африка 77. Регистрирани се и 4.059 доселени лица од Турција, 18 од Пакистан, 34 од Кина, 16 од Индонезија, 29 од Сирија и 22 од Тајланд. Од Бразил дошле 30 лица, од Мексико и Перу по 10, а од Египет девет.
Најголем дел од работниците од Азија се ангажирани во градежништвото, но и во фабриките каде што работат на производствени линии, како и во угостителството како готвачи, помошници готвачи и собарки. Странските работници, освен во Скопје, ги има и во другите градови, како и во туристичките центри. Во охридските хотели се ангажирани лица од Бангладеш, Непал и Филипините, најчесто како помошен персонал за чистење и одржување хигиена, а поретко како келнери и шанкери.
И покрај тоа што странскиот кадар им помага на компаниите да ги пополнат испразнетите работни места, експертите сметаат дека пред поголемо ангажирање работници од странство треба да се искористи домашниот работен потенцијал. Според него, проблемот не е само во бројот на работници туку и во усогласеноста на нивните вештини со потребите на стопанството.
– Нашиот пазар на труд е многу специфичен. Ова не е поврзано само со бројот на лица што ги имаме, туку и со усогласеноста на вештините што ги поседуваат тие лица, вели универзитетскиот професор, Борче Треновски.
Тој посочува дека недостигот на кадар е особено изразен во земјоделството, транспортот, услужните дејности и во одредени технички професии. Затоа, како дел од решението ги посочува поголемото вклучување на домашното население на пазарот на трудот, преквалификацијата и доквалификацијата, како и подоброто усогласување на образованието со потребите на компаниите.
– Пред да решиме да доведеме работници од странство, мораме да ги исцрпиме сите фондови што ги имаме тука. Сè уште имаме огромна неактивна работна сила, нагласува Треновски.
Покрај недостигот на домашен кадар, проблем за компаниите се и долгите процедури за ангажирање странски работници. Добивањето работни дозволи и визи подразбира прибирање документи, поднесување апликации преку амбасадите и повеќестепени проверки од надлежните институции, вклучително и проверки поврзани со системот на Шенген.
Во зависност од земјата од која доаѓа работникот, постапката може да трае од неколку месеци до една година. Ова е особено голем проблем за сезонските бизниси, кои мораат навреме да го обезбедат персоналот. Доцнењето може да значи дека работникот ќе пристигне откако ќе помине периодот во кој бил најпотребен.
Од агенциите затоа бараат поедноставување и забрзување на постапките, поголема дигитализација и подобра координација меѓу институциите, со задржување на потребните законски и безбедносни проверки. Работните дозволи и визите треба да се издаваат во рокови што ќе им овозможат на компаниите навремено да го планираат работењето. Оттаму додаваат дека прашањето веќе не е само колку нови бизниси и инвестиции може да привлече земјата, туку и дали ќе има доволно работници што ќе можат да ги реализираат.
(А. С.)












