Се очекува утре зад затворени врати тие да разговараат за глобалните проблеми, од војните во Украина и во Иран, до вештачката интелигенција, а на агендата се и билатерални средби. Додека Путин беше пречекан на аеродромот стриктно според кинескиот дипломатски протокол – од шефот на кабинетот на Шји, Цаи Ќи, кој се смета за еден од најмоќните кинески функционери, Трамп првото добредојде го доби лично од Шји и тоа на црвениот тепих на самото подножје на скалите на авионот. Шји никогаш во својот мандат не пречекал државник на аеродром, па овој гест се протолкува како знак за тоа колку големо значење му придава Кина на односот со САД
Моќната тројка е комплетирана за утрешната историска средба во кинескиот град Шенжен, на маргините на Самитот на АПЕК. Домаќинот, кинескиот претседател Шји Џинпинг, денеска прво го пречека рускиот колега Владимир Путин, а подоцна и американскиот Доналд Трамп. Се очекува утре зад затворени врати тие да разговараат за глобалните проблеми, од војните во Украина и во Иран, до вештачката интелигенција, а ќе има и билатерални средби.
Но, она што денеска о привлече вниманието на светската јавност беше пречекот на високите гости во Кина. Додека Путин беше пречекан на аеродромот стриктно според кинескиот дипломатски протокол – од шефот на кабинетот на Шји, Цаи Ќи, кој се смета за еден од најмоќните кинески функционери, Трамп првото добредојде го доби лично од Шји и тоа на црвениот тепих на самото подножје на скалите на авионот. Шји никогаш во својот мандат не пречекал државник на аеродром, па овој гест се протолкува како знак за тоа колку големо значење му придава Кина на односот со САД. Но, Шји објасни дека се работи за реципроцитет – кога тој ги посети САД во септември годинава, на аеродромот лично ги пречекале Трамп и неговата сопруга, а имало и свечена церемонија за добредојде.
– Цел ни е да го подобриме конструктивниот, стратешкиот и стабилниот однос меѓу Кина и САД, заснован на почит, праведност и реципроцитет, ја пренесе агенцијата „Хсинхуа“ изјавата на Шји.
Високиот советник во Кремљ, Јуриј Ушаков, пак, објави дека Путин и Трамп ќе се сретнат неколкупати за време на самитот на АПЕК, првпат на гала-вечерата вечева.
– Тие сигурно ќе се сретнат утре. И за време на пленарната сесија на АПЕК, и веднаш по нејзиното завршување, изјави тој за руската државна телевизија.
Ушаков нагласи дека разговорот ќе биде суштински, без оглед на формалностите.
– Лидерите ќе се сретнат, верувајте ми, и ќе имаат значаен разговор, без оглед на тоа дали ќе седат на фотелји, на столови или на клупи, или ќе стојат лице в лице. Средбата ќе се одржи, рече Ушаков, навестувајќи дека состанокот може да биде во помал формат, без големи делегации, некаде на маргините на самитот.
За претставниците на американскиот претседател, Стив Виткоф и Џеред Кушнер, тој рече дека ќе ги спроведуваат своите активности во Европа имајќи ја предвид претстојната средба на тројцата лидери во Шенжен, „бидејќи таму се одвиваат главните настани“.
Додека Шји денеска имаше само протоколарен разговор со Трамп при пречекот на аеродромот, а билатерална средба е најавена за утре, со Путин веќе разговараа, а и зборуваа на бизнис-собирот во рамките на АПЕК. Во своето обраќање, кинескиот претседател рече дека Азиско-пацифичкиот Регион мора да развие поотворена трговија и еднаков раст ако сака да остане стабилен и динамичен. Тој најави дека Кина не само што ќе ги намали тарифите и ќе го прошири пристапот до пазарот туку ќе оди и чекор понатаму, спроведувајќи реформи во предизвикувачки области како што се правилата, регулативите и стандардите. Тој го повтори ветувањето на Пекинг за подобрување на условите за глобалните инвеститори.
– Додека се стреми кон сопствениот развој, Кина споделуваше можности со други земји и работеше за заеднички развој. Таа постојано носеше стабилност и предвидливост во светскиот економски раст и меѓународната трговија и економска соработка, рече Шји.
Во своето прво лично обраќање на состанок на АПЕК од 2017 година наваму, Путин ги опиша западните сили како „поранешни хегемони“. Тој рече дека Европа е во „понижувачки пад“ и дека антируските санкции воведени по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година се вратиле како бумеранг и, всушност, ја зајакнале неговата земја. Тој ја нагласи желбата на Русија да развива економски врски со Азиско-пацифичкиот Регион, наведувајќи дека трговијата со тој регион претставува повеќе од половина од вкупната трговија на Русија. Додаде дека Русија аплицирала да биде претседател на АПЕК во 2035 година, објави „Ројтерс“.
Подоцна, на билатералниот состанок, двајцата претседатели се пофалија еден со друг, како и нивното партнерство, за кое рекоа дека работи цврсто и позитивно на меѓународната сцена. Тие ветија дополнителни мерки за развој на „мултиполарен свет“. Путин претходно го опиша светот како „турбулентен“, но исто така рече дека несогласувањата меѓу земјите можат да се решат на маса, објави агенцијата „Ројтерс“.
– Според тоа, очекувам голема корист од претстојната трилатерална средба меѓу лидерите на Русија, Кина и САД, рече Путин.












