Американскиот кошаркар Дамонте Кајри Грин (28) се најде во центарот на голем скандал откако беше уапсен на меѓународниот аеродром „Муртала Мухамед“ во нигерискиот град Лагос. Во два куфери означени со неговото име биле пронајдени речиси 34 килограми канабис, распоредени во 32 пакети.
Според соопштението на нигериската Национална агенција за борба против наркотиците (NDLEA), Грин пристигнал со авион на „Емирати“ од Тајланд, преку Дубаи. При испитувањето, изјавил дека од октомври 2025 година живеел на Тајланд, каде што настапувал како професионален кошаркар, а во Нигерија допатувал на одмор и за да воспостави контакти поврзани со својата кариера.
Сепак, неговото пристигнување било следено од истражителите, кои претходно добиле разузнавачки информации. Според нивната верзија, кошаркарот ги оставил двата чекирани куфери и се обидел да го напушти аеродромот носејќи само рачен багаж. Бил уапсен на паркингот, по што следувал претрес на неговите куфери.
Во нив биле откриени 33,95 килограми канабис од видот лауд, кој нигериските власти го опишуваат како особено моќен. Во секој куфер имало по 16 пакети, а меѓу предметите бил пронајден и уред за следење на локацијата.
Дополнително, истражителите извршиле форензичка анализа на неговиот мобилен телефон. Од Агенцијата тврдат дека пронајдените податоци укажуваат на тоа дека Грин бил свесен за активностите поврзани со трговијата со дрога.
Американецот претходно настапувал во полупрофесионалната кошарка, каде што бил најдобар стрелец за тимот Џорџија бомберс, во сезоната 2023/2024, со просек од 26,3 поени на натпревар. Потоа ја продолжил кариерата на Тајланд, настапувајќи за неколку клуба.
Неговиот последен натпревар бил на 7 ноември, само неколку дена пред апсењето во Лагос. Засега нема дадено јавна изјава за случајот, а важно е да се нагласи дека станува збор за обвиненија и наводи на истражните органи, чија основаност треба да ја утврди судот.











