Германскиот производител на автомобили од премиум класата, „Мерцедес“, ги запира сите инвестиции во своите капацитети во Германија и размислува за затворање на одредени фабрики, со цел да се справат со високите трошоци за производство. Ова се наведува во допис до вработените, во кој увид имаше агенцијата „Ројтерс“.
Овој потег претставува најнова ескалација на кризата во германскиот автомобилски сектор – криза која веќе доведе до најголемото реструктуирање во историјата на „Фолксваген“ (Volkswagen), а сега загрозува десетици илјади работни места во најважниот индустриски сектор во земјата.
Како показател за тоа колку брзо кризата се шири низ синџирот на снабдување, компанијата Шафлер“ (Schaeffler) минатата недела објави дека ќе укине 3.460 работни места и ќе затвори пет локации во Европа – од кои четири во Германија – наведувајќи ја како причина слабата побарувачка за возила опремени со мотори со внатрешно согорување.
„Мерцедес“ одлучи да ги запре инвестициите откако не успеа да постигне договор со работничкиот совет и претставниците на синдикатите во врска со намалувањето на трошоците за работна сила. Шефот за производство, Михаел Шибе, изјави дека раководството „заеднички одлучило да ги запре сите понатамошни инвестиции во нашите капацитети во Германија“.
Аналитичарот за автомобилската индустрија, Фердинанд Дуденхофер, истакна дека оваа вест не е големо изненадување, со оглед на тоа што секторот моментално се соочува со најдлабоката криза досега. „Мерцедес“ со месеци укажува на тоа колку е тешка ситуацијата во Германија“, рече тој, додавајќи дека иднината на индустријата останува неизвесна доколку не се спроведе темелна реформа на структурата на трошоците.
Денешната порака до вработените укажува на тоа дека раководството сега се подготвува за можноста за затворање на фабрики.
„Сите сакаме по секоја цена да избегнеме затворање на фабрики, но сега мораме подетално да ја разгледаме таа опција“, изјави членката на Управниот одбор, Брита Зегер, во дописот.
Консултантската куќа „Роланд Бергер“ (Roland Berger) предупреди дека до 2030 година би можеле да се загубат најмалку 200.000 работни места во германската автомобилска индустрија, што е последица на промената во улогата на Кина – бидејќи таа веќе не претставува клучен извор на профит.












