среда, ноември 18, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Работниците на „Факом“ и „Бетон“ десет месеци без плати, придонеси и здравствено...

Работниците на „Факом“ и „Бетон“ десет месеци без плати, придонеси и здравствено осигурување

0

Работниците на „Факом“ и поранешни вработени во „Бетон“ протестираа пред Основниот граѓански суд во Скопје, револтирани од неисплатените плати и придонеси, како и од одолговлекувањето на судските постапки. Тие бараат итна реакција од Судот и од надлежните институции, посочувајќи дека зад нерешените случаи стојат стотици семејства што со месеци се соочуваат со финансиска неизвесност.

Протестот го организираа Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР) и Синдикатот за градежништво, поради одложувањето на постапката за отворање стечај во „Факом“, но и нерешените барања за исплата на заостанатите плати и придонеси на работниците од „Бетон“.

Претседателот на СИЕР, Игор Герасов, рече дека Синдикатот и вработените веќе десет месеци се обидуваат да најдат решение. Според него, ова е четврти обид за отворање стечајна постапка за „Факом“, од која зависат егзистенцијата и примањата на околу 500 вработени.

– Досега Судот избегнуваше да ја отвори стечајната постапка за „Факом“ и ние дојдовме овде со цел да направиме притисок, да кажеме во јавноста дека мора да се реши овој случај – изјави Герасов.

Вработените во „Факом“ тврдат дека од јануари немаат добиено плата, иако компанијата, според нивните наводи, има работа и нарачки. Дополнително, посочуваат дека од 2022 година не им е исплатен ниту регресот за годишен одмор – К-15. Нивното незадоволство е особено насочено кон фактот што досега трипати било одложено рочиштето за отворање стечајна постапка.

Герасов посочи дека дел од работниците престанале да одат на работа по три неисплатени плати, но нивниот работен статус останал нерасчистен. Поради тоа, според него, тие не можат да ги остварат ниту правата од здравствено осигурување ниту правата што би им следувале по престанокот на работниот однос.

На протестот се приклучија и поранешни вработени во „Бетон“, каде што, како што посочуваат, стечајната постапка била отворена поради осум неисплатени плати и два регреси. Сепак, тие тврдат дека веќе пет години немаат добиено никаква исплата.

Според работниците, околу 500 семејства се погодени од ваквата состојба и се соочуваат со долг период без плати, придонеси и здравствено осигурување. Тие велат дека во изминатиот период починале и четворица нивни колеги, што дополнително го зголемило револтот.

Од протестот беше упатен апел до судијката, стечајниот управител и до надлежните институции итно да постапат и да обезбедат решение за случаите. Работниците бараат да се придвижат судските постапки и да престане неизвесноста во која се наоѓаат, нагласувајќи дека зад предметите и документите стојат семејства што со години чекаат на заработените плати и придонеси.

ИЗДВОЕНИ