среда, ноември 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Сите ќе умреме уште вечерва“ – Цанов објави нови пораки од Ива...

„Сите ќе умреме уште вечерва“ – Цанов објави нови пораки од Ива Михајлова и разговор со нејзината мајка

0

Нов бран реакции предизвика второто видео на бугарскиот јутјубер Станислав Цанов за случајот со 23-годишната Ива Михајлова, која од Македонија се врати во Бугарија за да продолжи со лекувањето. Цанов објави нови пораки и делови од телефонски разговори за кои тврди дека ги водел со Михајлова и нејзината мајка Христина, во кои се изразува страв од последиците по претходно објавените тврдења за притисок од бугарската Државна агенција за национална безбедност – ДАНС.

Во една од пораките што ги прикажува Цанов, а за која тврди дека му ја испратила Михајлова неколку минути по објавувањето на првото видео, таа му пишува: „Јави ми се веднаш. Крени ми, зашто сите ќе умреме уште вечерва“. Според неговото објаснување, таа барала да го повлече видеото бидејќи се плашела дека поради кажаното ќе има последици и за неа и за нејзините родители.

„Јутјуб“

Цанов тврди дека пораките подоцна биле избришани, но дека претходно направил видеоснимка од нивната преписка, која сега ја објавува како доказ за она што се случувало по првиот материјал.

Мајката бара да не се споменуваат службите

Во новото видео е објавен и дел од телефонски разговор со жена која Цанов ја претставува како мајката на Ива, Христина Михајлова. Во разговорот таа бара во најавеното интервју да не се споменуваат безбедносните служби, наведувајќи дека тоа е нејзиниот единствен услов. Воедно изразува страв дека може да биде ликвидирана ако се зборува за нив.

Цанов тврди дека располага со повеќе од два часа аудиоснимки од разговорите и дека е подготвен да ги достави на институциите за да се провери нивната автентичност. Тој повторно го поставува прашањето кој би ги истражувал наводите доколку тие се однесуваат токму на безбедносната служба.

Од каде почна аферата со ДАНС и Карбовски?

Првото видео Цанов го објави на 14 ноември, кога емитуваше делови од разговор со Михајлова, во кој таа раскажува дека претставници на ДАНС наводно барале првото интервју по нејзиното враќање во Бугарија да го даде кај новинарот Мартин Карбовски.

Според нејзините тврдења во снимениот разговор, ѝ било кажано дека безбедносната служба има влијание врз Карбовски и може да му одреди какви прашања да ѝ поставува. Во спротивно, наводно ѝ се заканувале дека ќе остане без потребната рехабилитација и правна помош.

По објавувањето на снимката, на 15 ноември Михајлова јавно ги демантираше тврдењата дека била принудувана на нешто во Бугарија. Таа порача дека таму добила помош, грижа и поддршка и побара да биде оставена на мир за да може да се лекува. Во објавата не се осврна конкретно на содржината на снимките и нивната автентичност.

ДАНС исто така ги негираше обвинувањата, соопштувајќи дека нејзини службеници не вршеле притисок врз Михајлова. Агенцијата оцени дека потеклото на снимките не е потврдено, а изнесените тврдења не се докажани. Карбовски, пак, негираше дека е поврзан со ДАНС или дека работи под контрола на службата.

Македонската полиција и натаму истражува како Михаилова избега од земјава

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, вели дека како раководител на институцијата нема информации оти македонските безбедносни служби ја следеле Ивана Михаилова пред таа да избега во Бугарија. Според Јанев, случајот е сензитивен и Министерството за внатрешни работи интензивно работи на утврдување на сите околности околу заминувањето на Михаилова од државата.

„Ние како Министерство за внатрешни работи интензивно работиме на случајот – кој, како и што овозможил дотичната личност да се најде онаму каде што е во моментов. Се надевам кога ќе ги имаме сите информации, јавноста секако ќе биде информирана“, рече тој

Во претходните разговори со јутјуберот Цанов, Михаилова тврди и дека од македонската Агенција за национална безбедност (АНБ) ѝ рекле дека ќе ѝ дозволат да се врати во Бугарија ако каже дека е Македонка и ако бугарските медиуми и пратеници престанат да доаѓаат на нејзините судски рочишта, на што таа, како што вели, не се согласила. Михаилова во неделата преку Фејсбук негира дека некој во Бугарија ја принудувал да прави што било и дека таму добила помош, грижа и поддршка. Додаде дека ја чувствува поддршката на целиот бугарски народ и дека тоа ѝ дава сила секој ден. (П.А)

 

ИЗДВОЕНИ