Замената на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ е многу посложена работа, вели професорот Дејан Трајковски и смета дека не е доволно само да се изградат нови електрани, туку мора да се обезбеди и сигурен систем што ќе испорачува струја и кога нема сонце, кога ветерот ќе стивне или кога потрошувачката ќе биде најголема. Според неговите анализи, за да се замени производството од термоелектраните, ќе бидат потребни меѓу 2.600 и 2.800 мегавати нови обновливи извори на енергија. Планот подразбира изградба на околу 2.000 мегавати соларни електрани и дополнителни 600 до 800 мегавати ветерни паркови, кои би работеле заедно со постојните хидроцентрали

 

Целосната замена на термоелектраните на јаглен со обновливи извори би ја чинеле Македонија околу 3,6 милијарди евра и најмалку седум до десет години, покажуваат пресметките на професорот Дејан Трајковски. Според него, државата веќе изгубила скапоцено време, а одложувањето може да ја направи уште позависна од увоз на струја и поскапо производство.

Тој предупредува дека замената на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ е многу посложена работа и смета дека не е доволно само да се изградат нови електрани, туку мора да се обезбеди и сигурен систем што ќе испорачува струја и кога нема сонце, кога ветерот ќе стивне или кога потрошувачката ќе биде најголема.

Според неговите анализи, за да се замени производството од термоелектраните, ќе бидат потребни меѓу 2.600 и 2.800 мегавати нови обновливи извори на енергија. Планот подразбира изградба на околу 2.000 мегавати соларни електрани и дополнителни 600 до 800 мегавати ветерни паркови, кои би работеле заедно со постојните хидроцентрали.

Но, тоа е само половина од приказната. Тој вели дека сонцето не свети преку целата ноќ, а ветерот не дува секогаш кога е потребно, затоа ќе мора да се изградат и големи системи за складирање на електричната енергија. Според Трајковски, најдобро решение се реверзибилните хидроцентрали, дополнети со батериски системи, кои би овозможиле стабилно снабдување во критичните часови.

Цената на целата оваа операција не е мала. Професорот пресметува дека ќе бидат потребни околу 3,6 милијарди евра. Од нив, околу 1,3 милијарди евра би биле за соларни електрани, 900 милиони евра за ветерни паркови, до една милијарда евра за системите за складирање и уште околу 400 милиони евра за нова мрежна инфраструктура.

Ниту роковите не се кратки. Трајковски посочува дека сончевите електрани можат да се изградат за една до две години, но реверзибилните хидроцентрали и останатите системи за складирање бараат најмалку три до пет години. Според неговата процена, ако инвестициите почнат веднаш и процедурите се движат без застој, Македонија би можела да ја заврши зелената транзиција за седум до десет години.

Во анализата, Трајковски отвора и прашање за државните приоритети. Тој смета дека наместо да се насочуваат милијарди евра кон проекти кои, според него, нема брзо да донесат економски ефект, како брзата железница, државата треба да вложува во сопственото производство на електрична енергија. Според него, инвестициите во обновливи извори ќе се исплатат преку производство на струја и ќе ја намалат зависноста од увоз.

Дополнително, предупредува дека ЕСМ треба да биде носител на инвестициите во новите енергетски капацитети. Во спротивност, како што наведува, профитот од производството на струја ќе завршува кај приватни инвеститори, наместо да остане во државата и да биде во корист на граѓаните.

Трајковски потсетува дека Македонија уште во 2021 година презела меѓународни обврски за постепено затворање на термоелектраните на јаглен. Според тие планови, РЕК „Осломеј“ требаше да биде затворен во 2024 година, а блоковите во РЕК „Битола“ постепено до 2030 година. Неговата оценка е дека пет години се веќе изгубени без сериозен напредок и без изградба на државни капацитети за обновлива енергија.

Во меѓувреме, додава тој, државата и понатаму се потпира на увоз на јаглен и на скапо производство на електрична енергија, иако резервите се намалуваат, а европските правила за декарбонизација стануваат сè построги. Дополнителен проблем, според него, ќе бидат и јаглеродните царини што ќе ги плаќаат македонските извозници доколку производството продолжи да се базира на електрична енергија добиена од јаглен.

Во регионот, земјите веќе го забрзуваат процесот на енергетска трансформација. Грција е најдалеку и планира целосно да се откаже од јагленот до крајот на 2026 година. Бугарија и Србија, иако сè уште зависат од јаглен, паралелно инвестираат во соларни и ветерни електрани, додека Албанија дополнително го зајакнува производството од обновливи извори.

Според Трајковски, зелената транзиција не треба да биде закана за работниците во РЕК „Битола“. Наместо отпуштања, решението го гледа во постепено пензионирање на постарите вработени и преквалификација на помладите за работа во новите енергетски капацитети.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ