Потенцијалното членство во ЕУ би можело да донесе значителен раст на економиите во регионот, но ММФ предупредува дека придобивките нема да дојдат сами од себе. Клучот ќе биде во реформите, посилните институции, поголемата продуктивност и искористувањето на европските фондови. Македонија и останатите земји од Западен Балкан и натаму имаат големо заостанување зад европскиот просек, особено кога станува збор за капиталот. Според анализата, доколку се исполнат потребните услови, членството би можело значително да го забрза економското приближување кон ЕУ
Македонија и останатите земји од Западен Балкан би можеле значително да ја подобрат економската состојба доколку станат дел од Европската Унија. Според анализа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), членството во ЕУ би можело во период од десет години да донесе раст на БДП по глава на жител од 30 до 35 проценти.
Сепак, од ММФ посочуваат дека нема сè да дојде само по себе. Членството во Унијата отвора големи можности, но земјите ќе мора сериозно да си ја завршат домашната работа. Клучни ќе бидат реформите, подобрувањето на институциите, зголемувањето на продуктивноста, привлекувањето инвестиции и правилното користење на европските фондови.
Според извештајот, постојат три главни начини преку кои земјите од регионот би можеле да имаат економски ќар од членството. Едниот е преку структурните реформи и усогласувањето со европските правила, вториот преку вклучувањето во единствениот европски пазар, а третиот преку пристапот до фондовите на ЕУ. Секој од овие фактори би можел да учествува со приближно една третина во вкупната економска добивка.
Најголема улога, сепак, би имала продуктивноста. Околу две третини од растот на приходите би биле поврзани со зголемувањето на продуктивноста, што значи дека компаниите би можеле да произведуваат повеќе, да вложуваат повеќе, а со тоа да се создава простор и за повисоки плати и подобри услови на пазарот на трудот.
Поголемата продуктивност, заедно со европските средства и полесното финансирање, би можела да ги охрабри фирмите да инвестираат. Дополнително, вложувањата од европските фондови во патишта, железници, енергетика и друга инфраструктура би можеле да повлечат уште повеќе приватни инвестиции.
Со приближувањето кон европските правила би се намалил и ризикот за инвеститорите, што значи дека капиталот би можел да стане поевтин и подостапен. Тоа би им олеснило на компаниите да обезбедат пари за нови проекти и проширување на бизнисите.
Во сценариото кое го разгледува ММФ, по десет години членство, вкупната факторска продуктивност би се зголемила за 19 %, додека продуктивноста на трудот би пораснала за околу 30 %. Премијата за суверен ризик би се намалила за 1,2 процентни поени, а европските финансиски трансфери во првите десет години би изнесувале просечно 1,8 % од БДП годишно.
Од ММФ, сепак, нагласуваат дека ова е сценарио за можен развој, а не прогноза дека таков резултат сигурно ќе се случи. Како пример се посочуваат земјите кои се приклучија кон ЕУ во 2004 година. По нивното влегување во Унијата, БДП по глава на жител растел значително побрзо, а по првите десет години кумулативната економска добивка надминала 30 %.
Од проширувањето корист имале и постарите членки на ЕУ. Според претходни истражувања, кај нив БДП по глава на жител се зголемил за околу 10 % во период од 15 години по проширувањето.
Во моментов, разликата меѓу земјите кандидатки и постарите членки на ЕУ е голема. Просечниот БДП по глава на жител во сегашните кандидати е само околу една третина од нивото во 14. постари членки на Унијата кои биле дел од ЕУ пред проширувањето во 2004 година. Според податоците на ММФ, Србија е на 48,6 % од просекот на БДП по глава на жител во ЕУ-27, додека Црна Гора е на 51,1 %. Останатите земји од регионот се на уште пониско ниво.
Уште поголемо заостанување има кај капиталот. Србија има капитален фонд по глава на жител кој изнесува само 27,1 % од просекот во ЕУ-27. Албанија е на 31,4 %, Црна Гора на 32,4 %, а Македонија на 30,3 % oд европскиот просек.
– Токму затоа, потенцијалниот раст на БДП од 30 до 35 проценти во првите десет години од членството не треба да се сфаќа како нешто што автоматски следува со влезот во ЕУ. Колкав ќе биде вистинскиот ефект ќе зависи од тоа колку земјите ќе успеат да ги подобрат институциите, да ја зголемат продуктивноста, да ги спроведат европските правила и да ги искористат можностите што ги носи единствениот европски пазар – пренесува „Данас“.












