среда, септември 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „ЛОТАРИЈА“ ГИ ВРАТИ И ГРУБИ И БАЈРАМИ ПРЕКУ БЛАЦЕ

„ЛОТАРИЈА“ ГИ ВРАТИ И ГРУБИ И БАЈРАМИ ПРЕКУ БЛАЦЕ

Судот го одложи рочиштето, се наближува денот кога ќе излезе ексвицепремиерот од куќен притвор

0

Првообвинетиот, ексдиректорот Перпарим Бајрами, на 18. месецов ќе седне на обвинителна клупа, на продолжението од судењето за злоупотребите во Државна лотарија, откако и тој, како Артан Груби, сам ѝ се пријави на полицијата и беше приведен во раните утрински часови. Разликата меѓу саатницата на појавувањето на двајцата колеги во набавката на ВЛТ-апарати е околу половина час, Груби се предаде во февруари во 6:10 минути, а Бајрами во средата во 5:35 часот, граничниот премин беше ист – Блаце со Република Косово. Во кусото соопштение, слично како и за Груби, полицијата не објасни каде се криел обвинетиот Бајрами 19 месеци.

– На ГП Долно Блаце, за влез во РСМ се пријави Перпарим Бајрами (33), баран со меѓународна потерница по наредба од ОЈО Скопје, бр. XVII KO бр. 4232/24 од 17.12.2024 година. Лицето е лишено од слобода и спроведено во Казнено-поправната установа „Затвор Скопје“ – соопштија од МВР.

Од Обвинителството велат дека против Бајрами има активна мерка притвор и тој веднаш по приведувањето е однесен во Шутка.

– Судската постапка во која е обвинет тој за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, е во тек. Дополнително, во ОЈО Скопје во тек се уште четири постапки против него, за истото кривично дело, во кои се прибираат докази и се вршат вештачења – соопштија од скопското Обвинителство.

Судењето, кое по распоред беше закажано за в петок, е одложено за една недела, поради новонастанатата ситуација, велат од Кривичниот суд.

– Поради тоа, Судот му достави на обвинетиот примерок  од обвинителниот предлог за да може да се запознае со истиот, а со оглед на тоа што законскиот рок за увид во предлогот и во доказите е осум дена, расправите насрочени за 11 и за 16  септември се отповикуваат, а судењето ќе продолжи на 18  септември во 12:00 часот – објаснија од Судот.

Извесно е дека Бајарми, преку својата одбрана, ќе побара од судијата на претходна постапка поблага мерка од затворскиот притвор. Неговиот бранител очекува и појасна слика во доказната постапка со која ќе му се спротивстават на обвинителниот предлог, постапка во која има, за разлика од редовната со поднесено обвинение, покуси рокови. Токму поради ваквата ситуација, за еден месец се очекува Груби да излезе од домашен притвор, мерка што која му се замени истражниот затвор поради информацијата од националното разузнавање дека не е безбеден во ќелијата во Шутка.

По седум месеци, мистеријата кој и зошто им го загрозува животот на Груби и на семејството доколку останеше во притворското одделение, и натаму останува, сега уште повеќе што надлежниот обвинител, Даниел Коцев, на последното судење, на прашањата на новинарите рече дека две години се собирале сознанијата од службите.

– Во конкретниот случај, добивме информација од МВР дека е влезено лицето во државата. Од страна на одбраната беше поднесен предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор. Во меѓувреме, до нас, како што знаете, веќе имаше и соопштение на оваа тема, стигна информација од МВР. Таа информација е многу комплексна и содржи информации добиени од АНБ, кои се класифицирани, дека му е загрозена безбедноста. Тоа не е информација, како што беше пренесувано во јавноста, дека не било безбедно во Шутка за Артан Груби, туку станува збор за многу комплексна информација, која содржи информации за две години наназад. Тие информации беа класифицирани и се декласифицираа само за потребите на постапката – изјави Коцев.

Ако службите две години собирале сознанија за загрозеноста на Груби, зошто јавноста дозна за таа процена дури откако се врати тој во земјата и беше лишен од слобода? И уште поважно: кој ја проценил опасноста, врз основа на кои конкретни сознанија и зошто станале тие сознанија релевантни за определувањето на мерката токму на денот на неговото враќање?

– Замислете само да влезеше во притвор и да му се случеше нешто, а ние имавме информација дека му е загрозен животот. Во најмала рака, ќе бевме разрешени, а за друго да не кажувам. Јас би бил најсреќен да можам да ја споделам таа информација со медиумите и со целата јавност за да види колку е сериозна таа информација. Не можам да ви кажам повеќе – објаснуваше обвинителот Коцев зошто сметало Обвинителството дека постои реален и доволно сериозен ризик Груби да биде загрозен во притвор.

Но, тогаш се поставува прашањето како е проценето дека постои опасност во затворски услови, а истовремено Груби можел да престојува повеќе од една година надвор од Македонија без да знае јавноста дека постои таква безбедносна процена. Надлежните МВР и АНБ никогаш не објавија што содржи информацијата, која е толку сериозна што Обвинителството проценило дека Груби не смее да биде во притвор, а во исто време е толку чувствителна што јавноста не смее да дознае ништо за нејзината содржина.

За потсетување, Артан Груби и во периодот кога почнала истрагата против него, користел лично полициско обезбедување, но нема информации од кога точно му била доделена таква заштита. Јавноста дозна дека имал полициско обезбедување во декември 2024, кога тој, преку својот профил на „Фејсбук“, демантираше дека избегал од земјата. Во судница, од местото на обвинетите, негира вина за милионските набавки на покер-апарати, кои, според Обвинителството, биле спротивни на закон. По вештачењето, обвинението е прецизирано, а сега се тврди дека штетата изнесува околу 9,7 милиони евра. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ