Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, се огласи во средата и откри кога би можела да се одржи трилатералната средба меѓу Трамп, Путин и Си Џинпинг. Можноста за организирање средба меѓу тројцата лидери била една од темите на разговорот што во вторникот телефонски го воделе Трамп и Путин.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека трилатералниот самит на лидерите на САД, Русија и Кина – Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг – би можел да се одржи во средината на ноември, пренесува руската агенција ТАСС.
– За време на телефонскиот разговор, Путин и Трамп разговараа за можноста за одржување трилатерален самит Русија-Кина-САД на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Шенжен, изјави Песков.
Самитот на АПЕК е закажан за 18 и 19 ноември во Кина, па токму тогаш и на тоа место би можела да се одржи средбата меѓу американскиот, рускиот и кинескиот претседател. Москва претходно соопшти дека Путин планира да учествува на самитот на АПЕК. Од друга страна, Вашингтон досега нема потврдено дали Трамп ќе присуствува на собирот.












