Општина Гази Баба продолжува со мерките што директно им помагаат на граѓаните. Градоначалникот, Бобан Стефковски, вчера додели решенијата за субвенции за набавка на сончеви колектори и за вградување уреди за течен нафтен гас (ТНГ) во возилата, со што домаќинствата добиваат финансиска поддршка за поекономични и поефикасни решенија.
Од општината велат дека целта е буџетските средства да се враќаат кај граѓаните преку конкретни мерки од кои тие имаат директна корист.
– Секој поставен сончев колектор и секое возило што користи поеколошко гориво значат помали трошоци, помалку штетни емисии и почист воздух за сите нас. Продолжуваме да вложуваме во мерки кои носат реални резултати и подобри услови за живот – посочуваат од Општина Гази Баба.
Со поставувањето сончеви колектори, семејствата добиваат можност да ги намалат трошоците за енергија, додека со користење ТНГ-гориво се поттикнува поеколошкиот начин на транспорт и намалување на загадувањето. Од локалната самоуправа нагласуваат дека интересот на граѓаните за ваквите мерки расте од година во година. Досега, повеќе од 10 илјади жители искористиле некоја од програмите за поддршка што ги реализира општината и добиле финансиска помош од локалниот буџет.

– Бројката од над 10 илјади корисници покажува дека мерките што ги спроведуваме им се потребни на граѓаните. Ќе продолжиме со нови програми кои ќе значат помали трошоци за семејствата, поголема енергетска ефикасност и позелена општина – велат од Општина Гази Баба.
Од општината информираа и дека јавниот повик за субвенционирање на набавка на пелети за 2026 година е затворен, поради големиот интерес и целосното искористување на предвидените средства од буџетот. Одлуката е донесена по направена финансиска анализа, согласно со условите на јавниот повик, според кои субвенциите се доделуваат до истекот на рокот или до исцрпување на средствата. Од Општина Гази Баба им се заблагодарија на граѓаните за интересот и најавија дека и во иднина ќе продолжат со мерки насочени кон подобар животен стандард, енергетска ефикасност и почиста животна средина.












