Србија го зголемува минималецот на 600 евра, додека македонскиот работник останува со минимална плата од околу 424 евра. Разликата меѓу двете земји станува уште позначајна ако се има предвид дека во Македонија паралелно растат и трошоците за живот. Храната повторно поскапи во август, од септември се повисоки и цените на горивата, а минималната плата и натаму тешко ги покрива основните потреби. Од март, минималната нето-плата во Македонија изнесува 26.046 денари, односно околу 424 евра. Следно зголемување засега не е на повидок, бидејќи засега нема никаква најава ниту за седница на Економско-социјалниот совет ниту за повисок минималец.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, вели за весникот ВЕЧЕР дека македонскиот работник е потценет и покрај големата продуктивност, а платите не го следат неговиот придонес во економијата.
– Македонскиот работник е најмалку платен и покрај тоа што е далеку попродуктивен од работниците во многу земји во регионот и во Европа. Но, таа продуктивност никако да се почувствува со платите. Работодавците најчесто ја користат продуктивноста како изговор да не ги зголемат платите на македонските работници. Кога им одговара, зборуваат дека продуктивноста е ниска и дека нема простор за повисоки плати, а кога се резултатите добри, придобивката од повисоката продуктивност оди во џебот на газдите – вели Пешевски.
Тој вели дека ако постои политичка волја, и кај нас може да се најде решение за зголемување на платите.
– Србија ќе се зголеми минималецот од 1 јануари 2027 година, на 600 евра, надвор од законското усогласување, на средина меѓу тоа што го бараше Синдикатот и она што го нудеше Владата. Тоа покажува дека кога постои политичка волја, може да се најде решение. Кај нас, работниците остануваат да чекаат, а засега нема најава ниту за седница на Економско-социјалниот совет ниту за дополнително зголемување на платите, иако цените продолжија да растат – вели Пешевски.
Тој смета дека не треба да се гледа зголемувањето на платите само како дополнителен трошок за компаниите, бидејќи повисоките примања значат и поголема потрошувачка, повисоки придонеси и даночни приходи, но и поголема сигурност за работниците.
– Платата не е само трошок. Платата е инвестиција. Кога ќе му дадете на работникот повисока плата, тие пари не исчезнуваат, најголемиот дел се враќаат во економијата, преку потрошувачката, преку ДДВ, преку придонесите и преку даноците. Затоа не можеме постојано да зборуваме само за тоа колку чини зголемувањето на платите, а да не зборуваме колку добива економијата – посочува Пешевски.
Во услови кога растат цените на храната, горивата поскапуваат… не може да стои платата во место, а од работникот да се очекува секоја година да произведува повеќе.
– Ако сакаме продуктивност, мора да имаме и мотивација. А најдиректна мотивација за работникот е неговата плата. Србија сега оди кон минималец од 600 евра. Тоа треба да биде предупредување за нас. Ако продолжиме да чекаме, разликата ќе станува сè поголема, а со неа ќе расте и одливот на работници – предупредува Пешевски.
Тој вели дека не смее да се одложува прашањето за минималната плата за следната година или за некоја следна седница.
– Нашите работници не може да чекаат. Секој месец имаат сметки, секој ден купуваат храна и плаќаат поскапи услуги и гориво. Потребни се политичка волја и сериозен разговор меѓу Владата, работодавците и синдикатите. Ако може да стигне Србија до 600 евра, Македонија мора да најде начин да обезбеди подобра плата за својот работник. Не бараме привилегија, бараме достоинствен живот од сопствениот труд – заклучува Пешевски.
Последните податоци за инфлацијата покажуваат дека не престанува притисокот врз домашниот буџет. Во август, инфлацијата изнесувала 0,4 проценти во однос на јули и 2,6 проценти на годишно ниво. Особено важен е податокот за храната: по падот од 1,1 процент во јули, во август цените на храната и на безалкохолните пијалаци повторно пораснале за 0,5 проценти.
За работникот што зема минимална плата, и ваквите на изглед мали проценти имаат реално значење. Кога оди најголемиот дел од приходот за храна, сметки и за транспорт, секое ново поскапување директно ја намалува куповната моќ.
Дополнителен удар се и повисоките цени на горивата. Од 8 септември бензинот поскапи за три денари, а дизелот за шест денари од литар. Еуросупер БС-95 достигна 97 денари, еуросупер БС-98 е 99 денари, а еуродизел 101 денар за литар. За домаќинство што месечно купува 50 литри гориво, тоа значи дополнителен трошок од 150 денари за бензин или 300 денари за дизел.
(А. С.)












