Кремљ соопшти дека европските земји ја плаќаат цената на откажувањето од рускиот гас, додека трошоците за енергија растат, и дека наместо тоа би можеле да купуваат поефтини енергенси од Москва.
Цените на природниот гас во Европа нагло пораснаа поради војната во Иран, достигнувајќи го минатата недела највисокото ниво од крајот на 2022 година, кога почетокот на војната во Украина ја поттикна Европа драстично да го намали увозот на руски гас преку гасоводите, пишува агенцијата Ројтерс.
Референтните европски цени на гасот минатата недела пораснаа на 75 евра по мегават-час, што е повеќе од двојно во споредба со нивото од пред една година.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Европа самата си нанесува штета со купувањето скап гас на спот-пазарот наместо да се одлучи за поефтините руски опции.
„Европјаните, секако, би требало да бараат поефтини извори на енергија. Рускиот гас, било да станува збор за гас што се транспортира преку гасоводи или за течен природен гас, оддамна можеше да биде поефтина опција за нив, иако ТПГ (СПГ) секогаш се продава по цени од спот-пазарот“, им изјави тој на новинарите за време на редовниот брифинг.
Европските складишта за гас се исполнети околу 67 проценти, во споредба со речиси 80 проценти пред една година, покажаа најновите податоци на организацијата „Gas Infrastructure Europe“.
HSBC, како што пренесува Ројтерс, прогнозира дека европските залихи до 1 ноември ќе достигнат 73 проценти од капацитетот, што би било најниско ниво за тој датум од почетокот на собирањето податоци во 2009 година.
Рускиот извоз на гас во Европа преку гасоводи минатата година падна за 44 проценти, на 18 милијарди кубни метри, што е најниско ниво од средината на седумдесеттите години од минатиот век, по затворањето на транзитната рута низ Украина, според пресметките на Ројтерс.
Рускиот извоз на гас преку гасоводи во Европа го достигна својот врв во 2018 и 2019 година, кога изнесуваше околу 180 милијарди кубни метри годишно.
Експлозиите на подморските гасоводи „Северен тек“ во 2022 година дополнително го ограничија рускиот извоз на гас во Европа.












