Се прават подготовки за големиот железнички зафат – изградба на брза железничка пруга долж Коридорот 10. Проектот влегува во следна фаза, а граѓаните ќе имаат можност јавно да го кажат своето мислење за тоа како оваа модерна железница ќе влијае врз животната средина и нивните места.

Министерството за животна средина и просторно планирање ја објави јавната расправа по Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за проектот „Изградба на брза железничка пруга долж Коридор 10“. Средбите со јавноста ќе се одржат на три локации: на 4 август во Електронската сала на Општина Велес, со почеток во 11 часот; на 5 август во салата на Советот на Град Скопје, барака 13, со почеток во 11 часот и на 6 август во салата на Домот на култура „Мирка Гинова“ во Општина Демир Капија, со почеток во 12 часот.

Брзата пруга треба да донесе посовремен железнички превоз, пократко време на патување и подобро поврзување на градовите долж еден од најважните европски транспортни коридори. Идејата е возот повторно да стане вистинска алтернатива за граѓаните и стопанството – побрза, поудобна и поефикасна врска низ земјата.

Но, пред да се реализира ваков голем проект, потребно е да се разгледа неговото влијание врз природата, животната средина и локалните заедници. Токму затоа Министерството ја става Студијата на јавен увид и ги повикува заинтересираните граѓани, институции и организации да дадат свои забелешки и мислења.

Студијата за оцена на влијанието врз животната средина е достапна на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и во просториите на Секторот за комуникација со јавност секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот. Документот ќе може да се разгледува до 13 август 2026 година.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ