Анализата на весникот ВЕЧЕР покажа дека септември, за четиричлено семејство со две деца, може да донесе сметка од 85.000 до 100.000 денари за училиштен прибор, есенско-зимска гардероба, зимница и огрев. Само подготовката за училиште може да чини до 15.000 денари за две деца, ако тие се облечат со гардероба од познати трговски марки, тогаш трошокот може да достигне и до 24.000 денари, а огревот со дрва уште 32.000 до 45.000 денари. Кај семејствата што се греат на пелети, трошокот за сезона може да се искачи и над 100.000 денари. За двајца родители со минимална плата, вкупниот месечен приход е околу 52.000 денари, што значи дека есенските трошоци можат да надминат една и пол семејна плата. Дури и две просечни плати, со вкупно околу 96.800 денари, речиси целосно би се потрошиле ако сите обврски се платат одеднаш. Затоа, за многу семејства, помошта од бабите и дедовците, купувањето на попуст и плаќањето на рати стануваат неопходна финансиска стратегија за преживување на „скапиот“ септември

За едно просечно македонско семејство, септември одамна не е само месец кога децата се враќаат на училиште. Ова е периодот кога одеднаш се отвораат десетина сметки, а парите почнуваат да се топат побрзо. Ранец, тетратки, пенкала, боички, патики, тренерки, јакни… па зимница, огрев, редовни сметки и храна. Сè доаѓа на куп во само неколку недели.
За четиричлено семејство со две деца и двајца вработени родители, особено ако платите се минимални или под просекот, според анализата на весникот ВЕЧЕР, септември може да биде вистински финансиски тест. Просечната нето-плата во Македонија во јуни 2026 година изнесувала 48.381 денар, додека минималната плата од март годинава е околу 26.046 денари. На хартија, можеби не изгледа страшно. Но кога ќе почнат да се редат трошоците еден по еден, сликата е сосема друга.
Двајца родители на минимална плата имаат околу 52.100 денари месечно. Ако едниот зема минималец, а другиот 35.000 денари, семејниот приход е околу 61.000 денари. Двајца со по 35.000 денари имаат околу 70.000 денари. Комбинацијата од минимална и просечна плата носи околу 74.400 денари, а двајца со просечна плата заедно имаат околу 96.800 денари.
Училиште, огрев, зимница?
Учебниците во државните училишта се бесплатни, но тоа никако не значи дека школската година почнува без трошоци. Ранецот мора да се купи, тетратките мора да се наполнат, а без пенкала, моливи, боички, блокови, прибор за геометрија и сè останато – нема училиште.
Ранец може да се најде и за неколку стотини денари, но подобрите модели брзо одат над 1.000, 1.500, па и над 2.000 денари. Кај ранците на тркалца сумата може да биде уште повисока. Потоа доаѓа приборот. Една тетратка не е проблем. Ни едни боички не се проблем. Ни блокот не е проблем. Ама кога ќе се соберат десетина такви, на крај излегува дека проблемот е и тоа како голем.
За едно дете, за ранец, тетратки, основен прибор, боички, блокови, геометрија, опрема за физичко и некои дополнителни школски трошоци, лесно може да се стигне до 4.200 – 7.500 денари. За две деца трошокот е од 8.400 до 15.000 денари.
А тоа е трошок само училиштето. Следниот удар по џебот доаѓа со облеката. Децата растат. Панталоните од лани се кратки, патиките стегаат, јакната веќе не може да се закопча, а тренерките некако „магично“ исчезнуваат од гардероберот. И повторно треба да се купува. Барем јакна, патики, обувки за постудено време, тренерки, панталони, блузи или џемпери, маици со долги ракави, чорапи и долна облека.
Ако се купува паметно, со попусти и без трчање по најскапи трговски марки, за основна есенско-зимска гардероба може да се сметаат околу 8.000 до 12.000 денари по дете. За две деца од 16.000 до 24.000 денари. Но, ако родителот сака поквалитетни патики, подобра зимска јакна и повеќе парчиња облека, сметката многу лесно може да ја помине границата од 30.000 денари за двете деца.
И додека родителите уште пресметуваат колку останало од платата, на врата тропа уште еден голем трошок – огревот. Ако пелетите и дрвата не се купени порано, може дебело да се заглави со семејниот буџет. Кај пелетите, актуелните цени во август 2026 година се движеа околу 14.500 до 22.000 денари за тон. За една грејна сезона, зависно од домот, изолацијата, печката и начинот на греење, може да бидат потребни четири, пет или шест тони. Тоа значи дека само пелетите можат да однесат од околу 58.000 до 132.000 денари, и тоа без да се пресмета доставата.
Кај дрвата сметката е нешто поинаква, но повторно не е мала. Цените зависат од регионот, квалитетот и начинот на продажба, но се споменуваат околу 3.200 – 3.500 денари за кубен метар за втора класа и 4.000 – 4.500 денари за прва класа бука. Ако едно домаќинство троши осум до десет просторни метри дрва, само огревот може да го чини околу 32.000 до 45.000 денари и повеќе, зависно од цената, превозот и количеството.
Но, во септемвриската весела математика влегува и зимницата. Ајварот, кој за многумина е симбол на есента, можеби изгледа како домашна и поевтина варијанта, но и тој си има цена. За околу десет тегли домашен чист ајвар се потребни приближно 30 килограми пиперки, а вкупниот трошок може да биде околу 2.500 денари, зависно од цените на пиперките и останатите состојки. Така, за десет тегли се потребни околу 2.500 денари, за дваесет тегли – околу 5.000, а за триесет тегли ќе треба да се издвојат околу 7.500 денари. Интересно е што готовиот ајвар во маркетите веќе се продава за околу 255 до 308 денари за тегла од околу половина килограм, зависно од трговската марка и акцијата. Па затоа и домашната зимница, иако бара повеќе работа, сепак за многу семејства останува поисплатлива, само што парите треба да се дадат однапред.
Ама ретко кое семејство застанува само на ајвар. Тука се и туршијата, киселите краставички, печените пиперки, лутеницата, доматниот сос, малиџаното, џемовите, зелката и сè друго што треба да стои во подрум и да се вади кога ќе стегне зимата. За едно семејство што прави солидна зимница, 8.000 до 15.000 денари е сосема реална сума. Ако се прават поголеми количества и повеќе видови, сметката лесно може да отиде и над 20.000 денари.
Колку чини „есенскиот“ пакет?
Ако се соберат училиштето за две деца, есенско-зимската гардероба, зимницата и огревот со дрва, една поскромна пресметка е дека ќе бидат потребни околу 64.500 денари. Но, реалната сметка многу полесно оди кон 84.000, 90.000 или дури 100.000 денари. А кај семејствата што се греат на пелети, почетниот удар може да биде уште поголем.
Што значи тоа во однос на платите? Ако двајцата родители земаат минимална плата, заедно имаат околу 52.092 денари. Ако септемвриските и предзимските трошоци се околу 85.000 денари, тоа е повеќе од една и пол месечна плата на целото семејство. И тоа само за да се подготви семејството за школо и зима. Во таа сметка не се струјата, водата, интернетот, телефоните, киријата или кредитот, храната, превозот, лековите, ужините за децата, активностите и сите оние непланирани трошоци што редовно се појавуваат токму кога најмалку треба.
Ако едниот родител зема минимална плата, а другиот 35.000 денари, вкупниот приход е околу 61.000 денари. Пакет од 85.000 денари значи дека за еден месец треба да се потрошат околу 139 проценти од семејниот приход.
Ако двајца со плати по 35.000 денари имаат 70.000 денари, истата сметка од 85.000 денари е околу 121 процент од нивниот месечен приход.
Кај комбинацијата минимална плата плус просечна плата, семејниот приход е околу 74.400 денари. И повторно пакетот од 85.000 денари е повеќе од целата месечна плата на семејството. Дури и двајца со просечна плата, со заеднички приход од околу 96.800 денари, би потрошиле речиси цела една месечна плата ако во септември ги затворат сите овие обврски одеднаш.
И токму затоа, многу семејства во септември не прават големи планови, туку „весела“ математика. Што може да се купи веднаш, што може да почека, каде има попуст, дали ќе се најдат половни работи, дали може некоја облека да се искористи уште една сезона, а огревот дали може да се плати на рати или барем да се купи дел сега, а дел подоцна.
Многу често во септември со парична помош доаѓаат бабите и дедовците за да се протурка „скапиот“ септември. И тамам човек ќе помисли дека поминало најлошото, доаѓа октомври, па ноември, па декември. Сметките за греење растат, храната си бара пари, а празниците и дополнителните трошоци допрва доаѓаат.
(С. Бл.)












