Тестираните 15-годишни ученици имаат пониски резултати по математика во споредба со 2022 година, додека постигнувањата по читање и наука остануваат на приближно исто ниво. Според министерката Весна резултатите се повторно многу лоши но се се резултати од реформите што се претходно направени

Околу 74 проценти од македонските ученици на возраст од 15 години, односно, тројца од четворица, не го достигнуваат основното ниво на знаење и вештини, покажуваат резултатите на ПИСА-тестирањето за минатата година, објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Тестирањето „ПИСА 2025“ беше најголемото оценување досега спроведено, во кое учествуваа 760.000 ученици во 91 земја и економии. Во Македонија, во тестирањето учествувале 6.977 ученици од 124 училишта, што претставува репрезентативен примерок од околу 90 проценти од популацијата на 15-годишници во земјата. Според методологијата на ОЕЦД, околу три четвртини од учениците во Македонија се под нивото 2, кое се смета за основен праг на знаење и функционална писменост потребни за успешно учество во современото општество.

Тестираните ученици имаат пониски резултати по математика во споредба со 2022 година, додека постигнувањата по читање и наука остануваат на приближно исто ниво, но под просекот на ОЕЦД. Тие на тестирањето освоиле просечно 379 бодови по математика, 354 по читање со разбирање и 377 бодови по природни науки. Просекот на земјите од ОЕЦД по математика е околу 472 бодови. Во однос на математиката, основното ниво го достигнале 32 отсто од учениците во Македонија, наспроти 65 отсто во просекот на ОЕЦД. Тоа остава 68 отсто под прагот што ПИСА го смета за минимална функционална математичка писменост. Кај природните науки 36 отсто достигнале најмалку второ ниво, во споредба со 74 отсто во ОЕЦД.

– Околу 1 отсто од учениците во Македонија покажале исклучителни резултати по математика, што значи дека достигнале Ниво 5 или 6 на ПИСА-тестот по математика, а просекот на ОЕЦД е 8 проценти, се наведува во анализата.

ПИСА е меѓународна програма за процена на образовните постигнувања на учениците која се спроведува на секои три години и опфаќа 15-годишни ученици. Се проверуваат три клучни видови писменост: математичка писменост, јазична и научна писменост, односно, колку добро учениците можат да го искористат и да го применат наученото знаење во реални, непознати животни ситуации и сложени проблеми. Во споредба со земјите од Балканот, Северна Македонија останува меѓу државите со најслаби резултати. Албанија има слични резултати, додека Словенија, Хрватска и Србија бележат значително подобри перформанси и се поблиску до европскиот просек. Најновото истражување покажало дека е забележан остар пад на знаењето и на учениците од европските земји.

Министерката за образование Весна Јаневска вчера потврди дека резултатите се лоши.

-За жал, резултатите на ПИСА се повторно многу лоши, но сакам да потенцирам дека ова се резултати од реформите што се претходно направени. Ние на власт дојдовме во 2024 година, само шест месеци потоа во 2025 се направени овие тестирања. Во 2001 година сме имале подобри резултати на читање и разбирање. Најдобри резултати сме имале во 2018 година, што, според наставниците и анализата, е резултат на реформата „Кембриџ“. Резултатите на оваа реформа, која во моментот се прави, ќе ја видиме тогаш кога овие ученици ќе наполнат 15 години, што значи некаде за 9-10 години. За жал, не станува збор само за програмите. Ќе мора да обрнеме многу повеќе внимание и на другите елементи што го сочинуваат образовниот систем – рече Јаневска.

Истражувањето покажало дека во овој период не била подобрена дисциплината на часовите: околу 21 отсто од учениците изјавиле дека не можат да работат добро на повеќето или на сите часови, при што просек на ОЕЦД е 19 отсто. Секој четврти ученик или 25 проценти од нив изјавиле дека бучавата и нередот го нарушиле поголемиот дел или секој час по природни науки, а 33 отсто од учениците изјавиле дека нивните соученици не слушаат што им кажува наставникот. Околу 35 проценти од учениците изјавиле дека вниманието редовно им го одвлекуваат телефоните и другите дигитални уреди за време на наставата. Дополнително, 33 проценти од учениците пријавиле дека се попречени од користењето уреди од страна на нивните соученици.

Според министерката Јаневска, во огромен број училишта телефоните не се употребуваат во текот на целиот ден.

– Децата ги оставаат телефоните во специјално направени направи за тоа – кутии или некакви платнени формати, каде што ги оставаат. Наставниците изречно го бараат тоа. Ги користат во исклучителни случаи и тоа само во оние училишта во кои сè уште нема обезбедено информатичка технологија да помогне во тоа – изјави Јаневска.

Анализата покажала и дека се намалува и интересот на родителите за учењето на детето.

-Сега, 67 отсто од учениците во Македонија изјавиле дека родител или старател најмалку еднаш неделно ги прашува што правеле на училиште. Три години претходно, уделот бил 73 отсто. Само 52 отсто велат дека барем еднаш неделно разговараат дома за проблемите што ги имаат на училиште, наспроти 63 отсто во 2022 година – се наведува во анализата на резултатите. (Б. Ѓ.)

Чести отсуства од часовите

Тестирањето покажало и тоа дека околу 35 отсто од македонските ученици изјавиле дека пропуштиле најмалку еден цел училиштен ден во двете недели пред тестирањето. Дури 41 отсто пропуштиле барем еден час, а 57 отсто барем еднаш задоцниле на училиште. На тестирањето во 2022 година овие показатели биле пониски – 28 отсто за пропуштен ден, 37 отсто за пропуштен час и 50 отсто за доцнење.

Учениците сега оцениле дека се подобрува поддршката што ја добиваат од наставниците и дека тие покажуваат интерес за учењето на секој ученик.

ИЗДВОЕНИ