Со фестивалот „Кокино – тврдина на Сонцето“, вечерва (12 септември) со почеток во 18:00 часот ќе започне одбележувањето на 25 години од откривањето на археолошкиот локалитет Кокино. Пред посетителите ќе настапат повеќемина изведувачи: „Фанк шуи“, Дина Јашари, Галоски, „Некст ту сајленс“, камерниот оркестар „Дива“ и Марија Димковска. Влезот ќе биде бесплатен.

Според директорот на Заводот и музеј Куманово, Агим Бислими, за посетителите ќе биде обезбеден паркинг кај училиштето во селото Кокино, од каде што ќе има и бесплатен превоз до локалитетот. Јубилејната програма ќе продолжи со изложба посветена на 25-годишниот истражувачки период на Кокино, а за од 18 до 20 ноември е најавена и меѓународна археолошка конференција.

Советникот археолог и раководител на проектот, Дејан Ѓорѓиевски, пак, посочи дека Кокино, од откривањето во 2001 година, се наметнало како еден од значајните археолошки локалитети во земјава и во регионот. Како што вели, истражувањата укажуваат дека локалитетот во бронзеното време имал функција на светилиште, но и простор од кој се следеле движењата на небеските тела.

На меѓународната конференција се очекува учество на околу 30 истражувачи од Македонија и од странство. Досега се најавени учесници од Франција, Италија, САД, Грција, Бугарија, Косово и од Србија. Ѓорѓиевски посочува дека поради нерешените прашања со земјиштето, досега не можело целосно да се пристапи кон изградба на потребната инфраструктура и обезбедување поголеми инвестиции. Во рамките на програмата е предвидена и изработка на стратешки документ, односно патоказ за идниот развој на Кокино. Документот треба да даде насоки за активностите што треба да ги преземат надлежните институции во однос на истражувањето, конзервацијата, уредувањето и презентацијата на локалитетот.

ИЗДВОЕНИ