Настинките и вирусите ги полнат чекалните кај матичните лекари. Нема семејство без по некој член со висока температура, главоболка, болки во грлото и телото. Најпогодена група се децата, а вирусот брзо се шири и во работните колективи.
Педијатарот Валентина Ливринска за весникот ВЕЧЕР вели дека не секоја покачена температура и кашлица значи и антибиотик.
„Кај вирусните инфекции не само што не треба да се дава антибиотик туку тоа може да придонесе за појава на резистенција кон антибиотиците. Затоа, суштински е битно да одвоиме за каков тип инфекција станува збор. А всушност, симптомите се, помалку или повеќе, слични. Вообичаено, кај вирозата има побавен почеток, бистра секреција од носот, која по ден-два може да стане и густа и зелена, честа кашлица, болка во грлото, црвено грло, можни бели наслаги на крајниците. Многу често се проследени со конјунктивитис, подотечени вратни лимфни јазли и обично подобрување за пет до седум дена“, објаснува д-р Ливринска.
При висока температура, докторката порачува ладење со млаки и поладни облози, туширање, тапкање со натопена млака крпа, давање сирупчиња за температура, пиење повеќе течности, како супи, чаеви и електорлити. Одлуката за терапија, сепак, да му се препушти на докторот, апелира таа.
„Кај бактериска инфекција, пак, имаме брз, нагол почеток, со висока и перзистентна температура, повисока од 39 степени повеќе од три дена, густ гнојав секрет, кашлица, грлоболка, можни бели наслаги на крајниците, болни вратни лимфни јазли и перзистирање на температурата. Овде многу често постои подобрување, па повторно влошување на состојбата. Процената, сепак, треба да се остави на докторот и тој да одреди терапија. И за крај, еден практичен совет. Детето не се носи на преглед во првите часови откако качило температура бидејќи во крвната слика промени може да има дури по 12 до 24 часа од појавата на покачената температура. Односно, ако направиме крвни анализи прерано, може да добиеме релативно добра крвна слика, советува д-р Ливринска.
Апелот на лекарите е да се одлежи вирусот или настинката дома, за да не се шири и кон здравите, да се поветруваат просториите и доколку има потреба да излезат, болните да стават заштитна маска.
Во земјава, од минатата недела, започна бесплатното вакцинирање со вакцината против грип, на 31 пункт, а во Скопје имунизација се прави во поликлиниките Идадија, Ѓорче Петров и Бит-пазар, потоа во Центрите за јавно здравје и Институтот во склоп на клиничкиот коплекс. Досега се вакцинирани 1722 лица, од ризичните групи на граѓани, а од Министерството за здравство повикуваат на поголема масовност. Следните вакцини треба да пристигнат на 11 ноември. (П. А.)












