Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, го означи почетокот на изградбата на новиот парк во Ново Лисиче, во непосредна близина на ФФМ и последната станица на „петка“.
Овој парк ќе „никне“ на местото на поранешна депонија.
Станува збор за површина од 71.000 квадратни метри што, како што вели Ѓорѓиевски, ќе стане омилено место за одмор и рекреација на сите посетители.
Предвидено е да бидат насадени околу 1.000 дрвја, од кои повеќе од 800 листопадни, а другите зимзелени.
– Секое ново дрво е влог во почист воздух, повеќе сенка и поздрава средина за нашите деца. Таму каде што имаше дива депонија со години, создаваме простор за живот, за детски насмевки, за прошетки и за дружење меѓу генерациите. Место што повторно ќе им припаѓа на граѓаните, исполнето со зеленило – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додава дека ќе бидат изградени и пристапни патеки, детски катчиња за игра и забава, како и простори за одмор и дружење.
– Сакаме да живее овој парк со смеата на најмладите, со прошетките на семејствата и со средбите на нашите повозрасни сограѓани, место во кое секоја генерација ќе пронајде свое катче – потенцира скопскиот градоначалник.
Тој информираше дека со овој парк, заедно со парковите што се веќе изградени и оние на кои се работи, се достигнува површина од околу 200.000 квадратни метри парковско зеленило.
– Со тоа, сакаме секое семејство да има каде да прошета, секое дете да има простор да создава убави спомени и секоја населба да добие зеленило какво што заслужува – заклучува првиот човек на градот.












