На свеченото доделување на второто издание на АФА (Adriatic Film Awards – Јадрански филмски награди) кое се одржа во саботата во Порто Монтенегро во Тиват, Црна Гора, шведската актерка Номи Рапас ја освои наградата за најдобра главна актерка за улогата во филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска. Во име на актерката Рапас, наградата ја прими режисерката Митевска. Ариф Јакуп, пак, ја доби наградата „Ѕвезда во подем“ за улогата во филмот „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски
Македонските филмови „Мајка“ и „Диџеј Ахмет“ се закитија со по една награда на годинашните „Јадрански филмски награди“ (АФА – Adriatic Film Awards) кои ги доделува Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот Регион за најдобрите филмови и ТВ-серии од регионот.
На свеченото доделување на второто издание на АФА, кое се одржа во саботата во Порто Монтенегро во Тиват, Црна Гора, шведската актерка Номи Рапас ја освои наградата за најдобра главна актерка за улогата во филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска.

Остварувањето на Теона Митевска, кое имаше светска премиера лани, на 82. Венециски филмски фестивал, не претставува биографија за светицата, туку драма инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза, во деновите кога таа решава да излезе од манастирот, да тргне по улиците на Калкута за да ја започне својата хумана мисија во Индија.
Во име на актерката Рапас, наградата ја прими режисерката Митевска. Филмот за овие награди беше номиниран во пет категории.

Ариф Јакуп, пак, ја доби наградата „Ѕвезда во подем“ за улогата во филмот „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски.
Филмот на Унковски, кој својата светска премиера ја имаше на фестивалот „Санденс“ во 2025 година, каде што се закити со две награди, го прикажува животот на 15-годишниот Ахмет во јуручко село во Македонија. Филмот беше номиниран во седум категории за АФА-наградите.
На свеченоста во Тиват, филмот „Ветре, зборувај со мене“ (Србија, Словенија, Хрватска) на режисерот Стефан Ѓорѓевиќ и продуцентката Драгана Јововиќ беше прогласен за најдобар филм, а ги доби и наградите за најдобра режија и најдобро дебитантско остварување.
Наградата за најдобар актер, пак, ја доби Андрија Кузмановиќ за филмот „Југо Флорида“ на Владимир Тагиќ, додека признанието за најдобро сценарио отиде кај Хана Јушиќ за „Бог нема да помогне“ која ја потпишува и режијата за овој филм.
Филмот „Свадба“ во режија на Игор Шереги, беше награден од АФА за исклучителен успех во кино дистрибуцијата, односно за највисок приход остварен на кино благајните, признание кое се воведе годинава.
„Котлина“ (Босна и Херцеговина), чии творци се Амра Бакшиќ Чамо и Данис Тановиќ, пак, беше прогласена за најдобра ТВ-серија, а се закити и со наградите за најдобра главна женска и машка улога во серија.
За наградите се натпреваруваа филмови и серии од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Косово, а за наградените и за номинациите одлучуваат повеќе од 800 филмски и телевизиски професионалци, членови на Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот Регион. (Н. И. Т.)












